Во божиќно интервју за италијанските медиуми, селекторот Роберто Манчини, зборуваше за фудбалската 2021-ва и за успесите и падовите на италијанската репрезентација. Пред мартовските баражи за Светското првенство во кои Италијанците треба да играат со нас, Манчини вели дека по неколкупати во текот на секој ден размислува за дуелот со Македонија и она што го чека во тој двомеч до Мундијалот.
„Колку пати дневно размислувам за плеј-офот? Неколку. Повеќе од се си велам: ама види што пропуштивме… Доволно беше да победиме на првиот меч со Швајцарија. Но, исто така мислам дека за време на квалификациите и за време на Европското првенство поминавме добро, но постои шанса, порано или подоцна, нешто да тргне наопаку. Тоа е фудбалот. Во тие случаи, треба да направите нешто повеќе. Ние тоа ќе го направиме во март“, убеден е Манчини.
На прашањето дали ако Италија не се пласира на Светското првенство во Манчини ќе си даде оставка, тој е дециден:
„Не размислувам за тоа. Мислам дека ќе одиме и ќе го освоиме Светското првенство“.