Македонската ракометна репрезентација вчера во Маврово го совлада Кувајт со 31-21 на првата контрола пред ЕП 2022.
Шанса на оваа средба добија помладите играчи, заедно со дел кои се стандардни, како Филип Талески, одиграа добро второ полувреме.
Кирил Лазаров е среќен што дел од нив максимално ја искористија својата шанса, но потенцира дека мора да се изборат за националниот дрес.
“Различно е да играш во клуб и национален тим. Тука нема време за одмор и има краток интервал до следниот меч. Имаме промена на генерации, мора да им давате шанса на помладите. Среќен сум што голем дел од нив ја користат шансата. Ова за нив е голем поттик да се борат за националниот дрес. Сакам тоа што го загубивме да се врати, да мора да се заслужи настап за репрезентација. Повик е повик, меѓутоа настап на официјален меч мора да се заслужи. Повик може да добие секој за да му дадете шанса, ама настап на натпревар особено на голем собир е нешто друго. Сакам младите играчи да ги натераме да се борат во сопствените клубови да не уверат дека треба да играат за Македонија“, изјави селекторот.
Македонија утре ја игра втората пријателска средба против Кувајт по што се враќа во Скопје каде во комплетен состав ќе го одработи главниот дел од подготовките и ќе ги одмери силите со Израел.