Македонската гордост за оваа 2021 година, таеквондистот Дејан Георгиевски, носител на сребрен олимписки медал од Игрите во Токио е најдобриот спортист на Македонија за годинава кој изминува. На вечерашното доделување на наградите во изборот на Агенцијата за млади и Спорт, Георгиевски собра најмногу гласови и сосема заслужено го доби државното признание.
Во женска конкуренција, најдобра македонска спортистка за 2021 година е Мери Акиевска. Апсолутна сениорска велнес шампионка на Светското првенство во Санта Сузана (Шпанија) беше убедливо најдобра, победувајќи во својата категорија и во јуниорска и сениорска конкуренција.
Женската кадетска ракометна репрезентација на Македонија која го освои ЕХФ шампионатот во Литванија е прогласена за најдобра женска национална репрезентација, додека признанието во машка конкуренција отиде кај нашата гордост, фудбалската репрезентација која не преставуваше на Еуро 2020 и обезбеди пласман во баражот за СП 2022.
Наградата за најдобар тренер отиде во рацете на Борче Костовски, предводникот на нашиот „сребрен“ олимпиец Георгиевски. Таеквондо федерацијата на Македонија е прогласена за најдобра федерација во 2021 година.
За најдобри млади спортисти признанијата отидоа во рацете на ракометарката Ива Младеновска и каратистот Столе Смилковски.