Иако пред само два дена играа мечеви во Бундес-лигата, Филип Миркуловски, Филип Кузмановски и Жарко Пешевски, веднаш дојдоа во Маврово. Тие не беа во составот за денешната средба со Кувајт, но веднаш му се ставија на располагање на селекторот, Кирил Лазаров.
Овој потег на триото треба да биде пример за младите генерации и нивниот однос кон националниот дрес. Лазаров јавно им се заблагодари на тројцата за нивната професионалност.
„Морам да искажам голема благодарност до Филип Миркуловски, Жарко Пешевски и Филип Кузмановски, кои ни се приклучија веднаш по завршувањето на нивните клупски обврски. По некое непишано правило заслужуваат одмор барем до 2.јануари и тоа само покажува колку се подготвени да се жртвуваат за македонскиот дрес“, изјави Лазаров.
Македонската репрезентација и утре ќе тренира во Маврово, по што ќе се врати во Скопје.