Ракометарите по пресврт до победа над Кувајт

196

Македонската ракометна репрезентација по голема драма успеа да слави на втората пријателска средба против Кувајт (22-21).

Томовски ги спречи гостите да дојдат до реми, мечот го заврши со 8 одбрани (еден гол) , две помалку имаше Митревски.

И на оваа средба селекторот Кирил Лазаров не сметаше на голем дел од стандардните ракометари, единствената промена беше Митревски на голот.

За разлика од првиот меч, овој пат Кувајт пружи силен отпор, падна во финишот, кога нашите момци со три гола во низа дојдоа до победа.

Кувајт беше подобар противник од македонските ракометари во првиот дел, 3-5, 6-8 и 7-9 во 15 минута. На две минути до крајот на одморот, Македонија имаше негатива и од три гола (9-12), со два погодоци во низа на полувремето истата беше само еден гол (11-12).

За разлика од првата средба, Македонија влезе слабо во вториот дел, со серија од 3-0 противникот поведе со 11-15. Првиот гол нашите ракометари го постигнаа после седум минути.

По 14-18 на средината на второто полувреме, Македонија со серија од 4-1 намали на 18-19 во 53 минута.

Нашите ракометари во последните две минути приредија целосен пресврт, со три гола во низа дојдоа до победа. Ѓоргиев и Георгиевски беа творци на кам-бекот.

Првиот беше најдобар со шест гола, два помалку имаа Маџовски и Костески. Талески, Георгиевски и Стоилов постигнаа по два погодоци. Серафимов и Симовски запишаа по еден.

Македонската репрезентација се сели во Скопје каде ќе ја одработи втората фаза од подготовките за Европското првенство 2022. Лазаров и останатите играчи ќе одиграат уште два пријателски натпревари, против Израел на 3. и 4. јануари.

ПретходноИ во Реал Мадрид корона – хаос!
СледноЃоргоноски: Создаваме услови секое дете да ги покаже своите афинитети и развие својот талент кон ракометот