Спортската 2021 година покрај Олимписките игри ќе ја паметиме и по Европското првенство во фудбал. За првпат собирот на најдобрите европски репрезентации се одигра во 11 држави, а на истото за првпат во историјата настапија Македонија и Финска. Шампион стана Италија и тоа вторпат во историјата, а првпат по 1968 година.
„Аѕурите“ имаа фантастичен настап. По групната фаза кога забележаа три победи (над Велс, Швајцарија и Турција) со гол-разлика 7:0 веќе се впишаа во редот на фаворити за трофејот. Следуваше триумф над Австрија со 2:1 со гол во продолженијата, а потоа во четвртфиналето ја исфрлија Белгија со победа од 2:1. Во полуфиналето момците на Роберто Манчини ја елиминираа Шпанија на пенали со 4:2 откако во регуларниот дел мечот заврши 1:1.
Стигнаа до финалето, а таму за противник Англија која првпат во историјата игра финале на ЕП. Резулатот 1:1 во регуларниот дел и по продолженијата, а 3:2 на пенали.
На ова ЕУРО беа постигнати 142 гола во 51 меч или во просек по 2,78 гола по меч. Најдобри стрелци Патрик Шик и Кристијано Роналдо со по пет погодоци. А Португалецот стана најдобар стрелец на еврошампионатите со 14 голови.
Македонија ги загуби сите натпревари но ги даде првите голови на ЕП. Стрелци Горан Пандев и Езџан Алиоски.
Првенството го одбележа и страшен момент. Мечот меѓу Данска и Финска го одбележа колапсот на Кристијан Ериксен. Данецот падна на тревата, беше однесен во болница каде што му беа утврдени срцеви проблеми поради што беше опериран. Данецот остана жив и тоа беше најважно.