Интервју со Благоја Милевски: Горд сум на моето семејство, не трпам нечесност, уживам во тенис-дуелите со Пеце Наумоски!

1040

✍🏽 Пишува: Зоран Ѓоршоски


За Благоја Милевски како селектор, тренер, поранешен истакнат фудбалер речиси се е познато. Но за Благоја Милевски како семеен човек, сопруг и татко на две деца, за тоа што го нервира, како се релаксира по стресните мечеви на репрезентацијата, јавноста малку знае. Токму „Спортмедиа“ во ова новогодишното интервју го претставува нашиот селектор од еден поинаков агол. Она што не сте го знаеле за Благоја или Боби, тој за читателите ќе го каже…

Благоја е среќен семеен човек. Сопруг на Марјана, со која сме во брак веќе 20 години. Таа е регионален менаџер за набавка во фирмата Кемет. Потоа татко на две деца. Синот Теодор, кој има 19 години и игра професионално кошарка во „Ангели“, ќерката Андротеа која има 14 години и се занимава со тенис и одбојка. Јас сум горд на моето семејство, тоа е моето најголемо богатство. Живееме во скопската населба Хром, поточно на тромеѓето меѓу Хром, Влае и Ѓорче во семејна куќа“ вели Милевски.

🎄 Дали жалите за тоа дека како фудбалер не успеавте во Ц. Звезда, во нејзините “златни години“?

Па, не. Јас на 15 години од Скопје се преселив во Белград. Бев неколку години во Ц. Звезда, но на 19-20 години си заминав. Тоа беше моја одлука, и не се каам. Инаку не можам да се пожалам за мојата фудбалска кариера, можеби можев и повеќе, но јас сум задоволен“.

НЕ САКАМ “ФОЛИРАЊЕ“ И НЕЧЕСНОСТ…

🎄 Во животот на Милевски фудбалот е на посебно место?

Да, да. Уште како мал, барем од како јас знам за себе, топката била во преден план, фудбалот ме оформи како личност. Така да во секој случај убаво е кога спортот, а посебно фудбалот ти е фудбалски живот. Јас сум пресреќен што се занимавам со тоа што најмногу го сакам“

🎄 Што може да ве извади од колосек, да ве изнервира најмногу?

И професионално, но и во приватниот живот, две работи. Пред се тоа се „фолирањето“ и нечесноста. Е, тоа навистина не можам да го “сварам“ што се вели. И тоа ме нервира, тоа може да ме изнервира најмногу. Инаку по карактер сум личност која сака сите можни или евентуални конфликти да ги разрешува низ разговор“.

СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ…НЕ, НЕ И НЕ!

🎄 Познато е дека не сте љубител на социјалните мрежи, не користите ФБ, Твитер или Инстаграм?

Да. Досега сум немал потреба да ги користам. Сметам дека професионално може само да ми го одвлечат вниманието. Не сакам да пишувам коментари и да се кријам, сакам на човек в лице да му го кажам тоа што го мислам. Приватно исто така не ми се потребни. Има доволно други начини да се комуницира. Ете може да се „преживее“ и без ФБ, Твитер или Инстаграм“.

🎄 По стресната работа како селектор и тренер, како Милевски се релаксира?

На неколку начини. Но, кога навистина сум под стрес, тогаш возењето велосипед, шетањето со едно од моите кучиња а ги имам четири, во природа, се моите “издувни вентили“. Тогаш просто уживам и ги полнам батериите“.

МАЛ ФУДБАЛ, ТЕНИС СО ЛЕГЕНДАТА ПЕЦЕ НАУМОСКИ

🎄 Милевски е типичен пример за тоа како треба да се води спортски живот?

Па, се обидувам. Играм мал фудбал со мои пријатели и тоа во понеделник и петок. И сакам да победувам и на тие мечеви. Не трпам порази, па макар играл карти или табла. Тоа ми е карактерна особина уште како дете. Инаку да кажам дека еднаш неделно играме тенис со Пеце Наумоски, нашата кошаркарска легенда. Тоа се мечеви за паметење. Навистина е супер – интересно. Инаку играм тенис и со мојата ќерка Андротеа, но таа е на повисоко ниво од мене во тој спорт. И редовно ме победува, а јас се нервирам и тоа нејзе и е интересно и нема намера да ми попушти барем на еден меч да победам“ искрен е селекторот.

🎄 Дружење со пријателите во кафеана, на кафе?

Искрено не сум љубител на кафеани и долги седенки. Секако дека знам и тоа како некогаш заедно со моето друштво да одиме и да си се изнаприкажеме. Но во ова време – невреме на Ковид-19 тоа се помалку го има. Практикувам почесто да испијам кафе во кафуле отколку да одам во кафеана“.

СИТЕ СМЕ ЗАДОЛЖЕНИ ЗА АТМОСФЕРАТА ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

🎄 Кој е тој што ја прави атмосферата во репрезентацијата. Кој е задолжен за штимунгот?

Можеби Алиоски во тој поглед е најекспониран, но за тоа сме задолжени сите. Од економот до селекторот. Сепак кога е време за работа тука нема дилеми. Има време и за опуштање, шеги, но пред се треба да се биде професионалец. Модерниот фудбал едноставно не трпи импровизации. И затоа во селекцијата се и играчи кои покрај фудбалското знаење ја имаат и карактерна особина да се професионалци. Сепак ние сме репрезентација на Македонија. А шегите ги има, и тоа како“.

🎄 Дали Елмас е легитимниот наследник на Горан Пандев?

Елиф Елмас е екстра фудбалер, огромен потенцијал и за кусо време очекувам да заигра за еден од европските гиганти. Неговиот лимит не е познат. Од друга страна ние работиме да создадеме што повеќе легитимни наследници на Пандев, да не е само Елмас. Има и други фудбалери од кои јас очекувам да се најдат во големи европски клубови. Имаме ние таленти и играчи, треба само да се цениме што повеќе. Македонија давала, дава и ќе дава големи фудбалери“.

🎄 Ќе одиме ли во Катар?

Уф. Ќе видиме. Мора да признам дека наш приоритет е 2024 – 2025 година и настапот на ЕП. Тогаш го гледам врвот на оваа генерација. Секако дека се што ќе излезе попатно ќе се обидеме да го зграпчиме. Не криеме дека одиме на победа во баражот, сакаме да играме на Мундијалот. Максимално ќе се подготвиме, во тоа нема дилеми. Инаку моја желба за 2022 година е да сите ние имаме здравје пред се, многу успеси на приватен и професионален план, и секако, да бидеме среќни и весели. Тоа им го посакувам и на читателите на „Спортмедиа“ но и на сите во Македонија“ рече на крајот Милевски.

ПретходноДијамантот е меѓу ТОП 5 играчи со најмногу мечеви во 2021 година!
СледноТОП 10 најчитани вести на „Спортмедиа“ за 2021 година!