Дени Масев веќе неколку години како спортски директор на репрезентацијата е инволвиран во сите случувања и успеси на нашиот најдобар национален тим. Како личност е ненаметлив, сепак знае што сака, и што е поважно знае и тоа како да дојде до тоа што го сака. Тој е најважната алка која ги поврзува репрезентацијата и Фудбалската федерација на Македонија.
Во 2021 година не е тајна дека А – репрезентацијата имаше историски успеси. Победата над Германија во Дуисбург, настапот на ЕУРО, потоа и пласманот во плеј – офот за СП во Катар.
„Уф, има многу да се говори за оваа 2021 година. Од каде ли само да почнам. Како прво јас лично, но и Фудбалската федерација на Македонија сме горди, многу горди на се она што заедно го направивме во овие изминати 12 месеци. Од мартовската победа над Германија, таа епска победа, потоа до настапот на ЕП и секако на крај успешно завршените квалифиции за СП во Катар и пласманот во баражот. Кога сме кај желбите за 2022 година, па, се знае, тоа е пласманот на Македонија на Мундијалот во Катар“ вели Масев во интервјуто за „Спортмедиа“.
Масев вели дека тој годината може да ја подели на два дела. Првиот е тие шест месеци под водство на Игор Ангеловски, а вториот е стартот на селекторувањето на Благоја Милевски.
„Сакам еве јавно да му се заблагодарам на нашиот капитен Горан Пандев што направи за репрезентација, за мак – фудбалот. Тој беше таа „локомотива“ која ја повлече селекцијата кон историски успеси. Нема сомнавање дека тој е еден од најзаслужните. Благодарност и до претходниот селектор Игор Ангеловски за се што направи, за тоа како ја водеше селекцијата што на крај резултираше со историски пласман на ЕП. Тоа се тие први шест месеци, тој прв дел. Вториот е стартот на новиот селектор Благоја Милевски. Зарем треба да се трошат зборови или сега да се потсетуваме што направивме со него. Па, ние се пласиравме во бараж за СП во Катар. Феноменален успех. Значи сите сме горди на се она што беше во 2021 година. Честитки за сите кои беа тука, кои беа во репрезентацијата и околу неа“ посочува Масев.
ОЧИГЛЕДНО Е ДЕКА НЕ ПОГРЕШИВМЕ СО МИЛЕВСКИ
Од 1 август и официјано, по цели речиси 5,5 години, Македонија доби нов селектор и тоа во името на Благоја Милевски.
“И се виде дека не погрешивме со изборот. Проверено, квалитетно тренерско име. Тој најдобро ја знае оваа генерација, знае како дишат момците, па тој ги однесе на ЕП 2017 за младинци. Знам дека во јавноста имаше мало разочарување по тие три ремија во септември, но сите забораваат како ние игравме под водство на Милевски. Одлично. Јас знаев дека само прашање на време беше кога репрезентацијата ќе „експлодира“ во резултатска смисла. И ете, тоа се случи прво во Ереван, а потоа и со Исланд дома во таа решавачка битка во групата“.
Милевски полека, но сигурно на јавноста и станува миленик…
„Така и треба. Милевски и порано беше познат како селектор кој има успеси, тука мислам на младата репрезентација, но сега ова е нешто посебно. Ние како и досега, и во иднина ќе му ја дадеме сета поддршка од наша страна како Федерација. Него треба да го интересира само тактиката, изборот на играчите, натпреварите. Се останато е наша работа. Така и треба да биде. Како и досега. Имено јавна тајна е дека раководството на ФФМ на чело со Муамед Сејдини стори се што може репрезентацијата да има супер услови. Најдобри хотели, чартери, премии. Така беше досега, така ќе биде и во иднина“ констатира спортскиот директор.
ВЕРУВАМ ВО ПОБЕДА НАД ИТАЛИЈА
На 24 март Македонија на гости се среќава со Италија…
„Јас верувам во Македонија. Верувам дека можеме да победиме, да се пласираме во финалето, па и на Мундијалот во Катар. Тоа за нас ќе биде историски меч, но верувајте дека притисокот ќе биде на страна на домашната селекција. Ние ќе го дадеме својот максимум, ќе одиграме најдобро што можеме. Верувам во успех, веруваме во оваа генерација, во селекторот Милевски, во овие момци кои во последно време ни приредуваат радости. Сите сме свесни што значи Италија, но Македонија сака, Македонија може. Ние одиме во Италија да победиме. Штета што Елмас нема да игра, секако дека тука е и Костадинов, но затоа очекуваме останатите да бидат здрави, да бидат во форма. Тоа е најважно“.
ЕЛМАС Е НАСЛЕДНИКОТ НА ПАНДЕВ
Токму Елиф Елмас станува нов идол на младите фанови во Македонија, тој блесна кога беше најпотребно. Дали Елмас според Масев е легитимниот наследник на Горан Пандев.
„Да, апсолутно. Елмас иако сеуште доста млад, по заминувањето на Пандев ја презеде одговорноста и тоа го правеше одлично. Елиф е феноменален фудбалер, допрва ќе игра се подобро. Пред него е блескава кариера, јас мислам дека ако продолжи со напорна работа дека има шанси да го мине и Пандев“.
Можеби за првпат во јавноста репрезентацијата во последните две години станува симбол на успех. Сега на Арената се доаѓа да се бодри Македонија, не се доаѓа да се видат Италија, Германија, Белгија…
“Во право сте. И затоа и јас и сите во ФФМ сме горди на тоа. Нашата јавност со право и дава големо значење на репрезентацијата. Сега се оди на натпреварите за да се бодри Македонија, без разлика против кого игра. Сега Елмас, Барди, Ристовски…се нивни херои, секако селекторот Милевски. Можам само да претпоставам што ќе биде ако се пласираме на СП во Катар. Оваа генерација на играчи и овозможи на нашата јавност, која беше гладна за вакви успеси, да биде горда на своите фудбалери“ не го крие своето задоволство Масев.
ПОКВАЛИТЕТНИ СМЕ ОД БУГАРИЈА…
Додека ние се подготвуваме за баражот за СП, во Бугарија се “пали“ атмосферата во пресрет на дуелите во Лигата на Нации.
“Секако дека нашите мисли се кон баражот, но секако дека читам, следам, се што се случува и кај нашите ривали во Лигата на Нации. Видете, Македонија никого не потценува, најмалку Бугарија, но реално ние сме поквалитетна селекција. Сакате да анализираме како екипа, како поединци, тука нема дилеми. Затоа јас сум убеден дека ние ќе го освоиме тоа прво место во групата во Лигата на Нации, дека ќе бидеме подобри од Бугарија. Но затоа ќе мислиме потоа, по баражот и се надевам по нашиот пласман на Мундијалот“.
Оваа генерација на играчи може слободно да игра заедно барем уште некои два – три квалификциски циклуси…
“Приоритетот на ФФМ, тоа го кажуваме постојано, е пласманот на ЕП 2024 и добри игри и добар настап на тоа натпреварување. Тогаш оваа генерација ќе созрее, тогаш треба биде врвот што се вели. На тоа ЕП не само што треба да се пласираме, туку треба да покажеме и добри игри и да дојдеме до добар резултат. Такви се плановите, но пак ќе речам, сега сме со мислите само кон баражот за пласман на СП во Катар. Фантастично би било ете и Македонија да се најде на собирот на најдобрите во светот. Пред се за нашата репрезентација, играчите и селекторот, за мак – фудбалот, за сите нас во ФФМ и најмногу за државата Македонија. Ајде да бидеме оптимисти“ заврши Масев.