Македонската ракометна репрезентација ситно брои до стартот на Европското првенство. Нашите момци одиграа три пријателски меча, на сите забележаа победа, посебно се истакна Ненад Костески, кој беше најконстантен.
Желбата кај сите е една, здрави да тргнат на ЕП, без никакви проблеми да ги дочекаат дуелите од групата.
“Влегуваме во завршниот дел од подготовките за ЕП. Работиме посветено и ги исполнуваме задачите кои што ни ги дава селекторот. Лично сум задоволен од тоа како играме, напредуваме во играта и што е најважно сите сме подготвени. Исто така јас сум задовлен од моите настапи на трите пријателски средби што ги одигравме. Се надевам дека до крајот на подготовките нема да имаме некои непосакувани проблеми”, изјави Костески.
Сите се свесни за големиот предизвик и тешката задача која им претстои во Дебрецин, но сите со голема самодоверба гледаат.
“Ги анализираме сите три противници, добро знаеме против кои ривали ќе играме. Веќе докажавме дека можеме да се носиме и со една селекција како Данска и да изненадиме. Црна Гора не смее да се потцени, се бори до крај и сите играчи го даваат максимумот од почеток до крај. Исто така добро се познаваме и со Словенците и знаеме што да очекуваме од нив. Се подготвуваме напорно и се надевам на позитивни резултати на ЕП“.
Македонија за Дебрецен патува на 11 јануари, првиот меч го игра два дена подоцна против Словенија.