Торино требаше да игра со Атланта во новата година меѓутоа натпреварот беше одложен поради коронавирусот. Екипата на Торино е под карантин, а претседателот на клубот Урбано Каиро ги критикуваше „избрзаните и нелогични“ нови Ковид-19 протоколи во Серија А.
Мечот требаше да се одигра вчера, но локалните здравствени власти го ставија целиот тим на Торино во карантин до 10 јануари па не можеа ни да стигнат до Бергамо.
Истовремено одложени се мечевите Болоња-Интер и Салернитана-Венеција, а случајот во Болоња кога едниот тим чекаше 45 минути додека судијата потврди дека натпреварот нема да се игра само ја отсликува хаотичната состојба во Серија А на што посочи и Каиро.
Од Серија А објавија нова верзија на КОВИД протоколи кои велат дека доколку еден тим има 13 здрави фудбалери вклучувајќи и еден голман и фудбалери родени по 31 декемвро 2003 година тогаш натпреварот може да се одржи. А тоа се противи на протоколите на локалните здравствени власти целиот тим да оди во карантин.
„Мораме да ја заштитиме лигата, но исто така и спортските настани. Нема логика во овие мерки. Мислам дека се избрзани и хаотични. Огледајте се на Премиер лигата. Имаат многу повеќе случаи со инфекција од Италија, но ги сочуваа спортските настани со одложување на натпреварите и некои од нив веќе се одиграа во нов термин. Тие играа дури и за Божиќ, а да потсетиме имаат и многу повеќе натпревари вклучувајќи го и Лига купот. Кај нас ништо не се знае до последен момент. Смешно е што имавме неколку недели одмор за Божиќ и не ја разработивме логистиката во тоа време, па сега чекаме буквално до терминот за почеток на мечот“, изјави Каиро.