Супер натпревар помеѓу Рома и Јувентус во 21. коло на италијанската Серија А. На Олимпико се соочија Рома и Јувентус, а паднаа седум голови. Победата ја однесе Јувентус и тоа после супер пресврт (3:4).
Рома водеше со 3:1 до 70 минута, а потоа им се случи потоп. И тоа во период од седум минути. Да одиме со ред. Абрахам ја доведе Рома во водство, а изедначи Дибала и на полувреме беше 1:1. На стартот на вториот дел Мхитарјан и Пелегрини го зголемија водството за римјаните кое го чуваа до 70 минута, а потоа се избламираа.
Од 70. до 77. минута „Старата дама“ постигна три гола, прецизни беа Локатели, Кулушевски и Де Шиљо. На Рома и се укажа шанса да спаси бод во 81. минута. Де Лихт играше со рака во сопствениот шеснаесетник и притоа го заработи вториот жолт картон и беше исклучен.
Лоренцо Пелегрини се намести да го изведе пеналот, но Шчесни го одбрани неговиот удар.
Јувентус ја забележа 11 победа и има 38 бода на петтото место, а Рома е на осмата позиција со 32 бода и девет порази.
А Џенова доживеа пораз дома од Специја со 0:1. Горан Пандев влезе во игра во второто полувреме но не му помогна на својот тим. Имаше еден убав удар во 74. минута која заврши покрај голот.