Публиката секогаш е најважниот играч на еден тим, особено на големите натпреварувања. Токму поддршката од трибините знае да го промени текот на еден натпревар.
Кога станува збор за Европските или Светските првенства добро е познато дека македонската „Фаланга“ ја има во голема бројка. Вака се очекува да биде и во Дебрецен, градот домаќин на нашата група.
Дека Македонците се големи фанатици на ракометот добро им е познато на сите учесници. Токму затоа селекторот на Словенија, Љубомир Врањеш повика на поддршка од публиката, а за пример ја даде токму Македонија.
„Навивачите се многу важни за нас. Не сакам да видам 500 навивачи од Македонија на трибините, а само тројца од Словенија. Би сакал да има надвикување, да има натпревар и на трибините, не само на терен. Се надевам дека ќе дојдат многу наши навивачи и ќе ни помогнат, а ние ќе знаеме како да им се оддолжиме“, изјави Врањеш.
Македонија и Словенија ќе се сретнат на 13. јануари во рамките на првиот меч од групната фаза.