Новак Ѓоковиќ за првпат се огласи за резултатите од позитивниот ПЦР тест. Српскиот тенисер беше на мета на критики во претходните денови бидејќи се движел во јавноста заразан. Тој го потврди тоа и им се извини на сите за својот потег.
Тој тврди дека на 17 декември добил позитивен резултат, а не како што вели тестот дека бил на 16 декември. Тој наведува и дека не бил заразен и отишол на доделување трофеи за деца на 17 декември, но признава дека еден ден подоцна го интервјуирале француски новинари.
„Сакам да одговорам на дезинформациите за моите активности и присуството на настаните во декември. Ова се дезинформации што треба да се коригираат, особено за да се смири загриженоста за моето присуство во Австралија, но и да се одговорат на болните прашања за моето семејство.
На 14 декември бев на кошаркарски натпревар во Белград, по што беше пријавено дека неколку луѓе кои биле таму биле позитивни на коронавирус. Иако немав никакви симптоми, направив брз антигенски тест на 16 декември, кој беше негативен, за дополнителна претпазливост истиот ден направив и ПЦР тест.
Следниот ден присуствував на тениски настан во Белград за доделување награди на децата. Направив брз антигенски тест пред да одам на овој настан, и беше негативен. Немав никакви симптоми, се чувствував добро и дури после тој настан добив известување за позитивен ПЦР тест.
Следниот ден, 18 декември, бев во мојот тениски центар во Белград за да ја исполнам претходно договорената обврска за интервју и снимање за L’Équipe. Го откажав моето учество на сите други настани освен интервјуто за L’Équipe. Се чувствував должен да направам интервју за L’Équipe бидејќи не сакав да ја изневерам новинарката, но се држев до мерките за социјално дистанцирање и носев маска, освен за време на снимањето.
По интервјуто и снимањето си заминав дома во изолација за планираниот период, но сега ми е јасно дека згрешив во проценката и дека требаше да го одложам интервјуто“, напиша Ѓоковиќ.
Српскиот тенисер откри дека документот за патување во Австралија не го потполнил тој туку неговиот тим.