Хаос во Сегедин: Ракометарите во карантин, а туристите без маски и во костими за капење шетаат во хотел

667

ЕХФ има чудни правила во време на пандемија. Голем број на новинари го откажаа своето патување во Унгарија и Словачка токму поради барањата на европската куќа на ракометот, како и самите организатори.

И ние македонските новинари сме затекнати со некои бизарни ситуации, како на пример, ПЦР тест за подигање на акредитациите за Европското првенство. Иако дел од нас имаат примено и три вакцини, сепак за да влезеш во делот за медиуми треба да имаш негативен ПЦР тест, правило кое ЕХФ си го „измисли“ пред само два дена.

Претходно за подигање на акредитација беше доволна само потврда за вакцинација. Раководството на европската ракометна федерација не се погрижи ниту да направи посебен попуст за новинарите. За ПЦР тест може да платите и 100 евра, оваа цена е во Дебрецен, има и лабаротории кои за антигент тест наплатуваа исто 100 евра.

И тука не застанува лудлото. Навивачите во сала ќе влезат без тест, додека новинарите мораат секој ден да издвојат најмалку по 50 евра за да можат да ја вршат својата задача. Ваква политика не им се допаѓа на Французите, не само на нас Македонците, па дел од нив одлучија да си останат дома, што до некаде е оправдано.

Но, тие имаат и други спортови во кои се успешни. Ракометарите веќе со години се единствената репрезентација која редовно учествува на големи натпреварувања, па токму затоа секој јануари бројот на новинарите од нашата земја е во голема бројка.

И колку ЕХФ не знае каде тера, потврдија од таборот на Франција. Во хотелот каде што се сместени ракометарите на оваа репрезентација има и други туристи. Додека играчите се чуваат во карантин и се тестираат секојдневно, низ хотелот туристите се шетале без маски и по костими за капење.

„Некои луѓе беа и во костими за капење. Во таква ситуација ќе биде тешко да се избегнат позитивни случаи, а не знам дали ова е одраз на почит кон играчите кои дадоа се за да бидат во ова натпреварување“, изјави голманот на францускиот тим, Винсент Жерар.

Франција веќе испрати протесно писмо до ЕХФ. Кога веќе се форсира да се одигра Европското првенство во услови кога коронавирусот одново бележи големи бројки, мора да се почитуваат играчите и нивната одлука да дојдат да играат.

ПретходноНовак Ѓоковиќ призна дека се шетал заразен со Ковид-19
СледноЈокиќ промаши за победа, Денвер испушти плус 25 (ВИДЕО)