Ристо Магдинчев – стручен коментар: Штета за Митревски, на Лазаров ќе му биде многу тешко!

1319

Како што беше во изминатите десет години, така и овој почеток на новата година ќе биде во знакот на ракометот. Нашата најдобра репрезентација, сега под водство на Кирил Лазаров ќе учествува на ЕП 2022 кое ќе се одржи од 13 до 30 јануари во Унгарија и Словачка. Веќе утре го играме првиот меч и тоа со Словенија.

Како ракометна нација се разбира дека сите со нетрпение го очекуваме настапот на нашите момци. А по традиција читателите на „Спортмедиа“ во следните денови ќе можат низ стручните коментари на Ристо Магдинчев, еден од нашите најпознати и најдобри тренери, да се запознаат со она што треба да знаат за ова првенство, пред се кога станува збор за Македонија, и тоа од стручен агол од ракометен стручњак како што е нашиот коментатор.

ЕВЕ ШАНСА ЗА ТОМОВСКИ ДА ЈА ИСКАЖЕ СВОЈАТА КЛАСА

Се разбира дека прво почнуваме со ковид проблемите и фактот дека нема да можеме да сметаме, најмалку на првите два меча, на Никола Митревски, еден од најдобрите голмани во светот.

Дефинитивно ова ќе биде ковид – првенство, ова ќе биде специфично првенство поради тој Ковид-19. А нам многу, многу ќе ни недостига Никола Митревски. Со него и Томовски, имавме одличен голмански тандем. Сега некои работи се пореметуваат. Се разбира дека ќе недостигаат и останатите позитивни како Кизиќ, Ојлески и Младеновиќ, но сепак Митревски најмногу. Но, што е тука е. Томовски мора да сфати дека сега од него најмногу се очекува, тој е голман на Вардар, значи е квалитетен голман, и ќе мора психички да се подготви, веројатно и од стручниот штаб ќе имаат што да му кажат на таа тема. Ете шанса за него да ја искаже својата класа“ смета Магдинчев.

Јасно е дека и сите останати си имаат вакви проблеми.

А, што да се прави. Се разбира дека задава многу проблеми, ќе недостигаат ракометари, нема селекција во која нема позитивни. Добро е што ЕХФ ја скрати изолацијата на само пет дена, значи има време тие што се позитивни да се вратат во своите репрезентации. Моја препорака, тука воопшто мислам, сите да се вакцинираат и да ова лудило што побрзо биде минато. Ако веќе говориме за одложување тоа требаше да се направи порано, а не сега на два – три дена до стартот на ЕП. Веруваме дека сите имаат планови за тоа што ќе биде и како ќе биде со коронавирусот во текот на шампионатот“.

ВАЖЕН Е КОНТИНУИТЕТОТ

Рековме веќе, ракометната селекција на Македонија има континуитет од настапи на ЕП и СП. Тоа е многу важно од аспект на спортот, пред се ракометот, но и како држава. Секако дека многу значи нашите момци да настапуваат редовно на големите ракометни собири.

Секако, тука нема дилеми. Респект за сите останати спортисти, спортови и репрезентации, но Македонија е ракометна нација. Сите едвај чекаме да почне ЕП, да видиме што можеме. Секако дека добро е да се учествува, но треба да се обидеме да дојдеме до подобар резултат. Тоа е наша желба. Ова е една нова генерација, има тука и искуство, но има и доста млади ракометари кои се желни за докажување. Да, важен е континуитетот, ама поважен е и добриот резултат“ вели Магдинчев

ЛАЗАРОВ СЕЛЕКТОР – ИГРАЧ…

Кирил Лазаров за првпат на едно големо натпреварување ќе биде селектор – играч. Малку необично, но тој тоа е повеќе месеци.

Зарем треба да се трошат зборови за Лазаров. Еден од најдобрите ракометари во историјата на овој спорт. Но, ќе му биде тешко, многу тешко. Едно е да си тренер – играч во клуб, а друго е да се селектор – играч. Значи кога ќе биде на терен дали да мисли за акцијата, за тоа како да даде гол, за тоа што треба да им се каже на соиграчите. Ќе видиме како тоа ќе функционира. Треба да биде сконцентриран, а времето минато на терен ќе го прави да биде уморен. Реков, ќе видиме. Тој ја има поддршката од сите, Кире се нафати на оваа улога, ја има довербата“.

Евидентно е Македонија под водство на Лазаров игра нешто побрзо, барем таков е впечатокот. Дали може да се очекува нешто ново, која одбрана ќе ја играме, дали ќе ја забрзаме уште повеќе играта. Што вели на ова нашиот стручен коментатор.

Па, искрено немам речиси никакви информации. Подготовките беа затворени, контролните мечеви исто така, веројатно така сакаше селекторот. Веројатно ќе се оди на познатите 6-0 и 5-1 во одбраната. Кога сме кај одбраната сега Томовски на голманската позиција ќе биде главниот, се надевам дека Чаневски и Трајковски ќе бидат подготвени и тие да го дадат својот максимум. Сметам дека нашата игра мора да биде побрза, транзцијата мора да биде побрза. Ние досега, на минатите ЕП и СП игравме доста споро, и поради играчкиот кадар, но и поради тактиките. Ракометот сега е нешто друго, мора побрзо да се игра и да се види со враќањето од напад во одбрана, како и со замените. Ова мора да биде автоматизирано што се вели“.

МАНАСКОВ МНОГУ ЌЕ НЕДОСТИГА

Македонија и дефинитивно ќе биде ослабена. Ќе го нема и Дејан Манасков, еден од нашите најдобри ракометари. Познато е дека тој е повреден и затоа нема да биде на ЕП.

Многу, многу ќе недостига. Станува збор за едно од најдобрите леви крила во светот. Посебно ќе недостига при контранападите, но што е тука е. Во спортот се случуваат повреди, и затоа Лазаров и неговиот стручен штаб ќе мора да изнајдат начин како да се намали тој недостаток од неиграњето на Манасков“.

Кој би можел од помладите ракометари да „експлодира“. Сите очекуваат многу од Талевски и Кузмановски.

Па, не сум сигурен. Се разбира дека од Талевски и Кузмановски очекувам да играат многу добро, да бидат носители, но тие веќе не се млади. Тука се Костевски, Серафимов, Велковски. Неблагодарно е сега да се посочува, секој што ќе биде во репрезентацијата значи поседува квалитет и од него се очекува да го даде својот максимум. Има тука многу млади и талентирани момци, а кога се игра за Македонија тогаш мотивите се тука. Така и треба да биде. Проблемот е што дел од тие момци во репрезентацијата и немаат којзнае каква клупска минутажа“.

МОЖЕМЕ ЛИ ДО ВТОРАТА ФАЗА?

Македонија се најде во исклучетелно тешка група. Данска, Словенија и Црна Гора се нашите ривали во првата фаза. Можеме ли до пласман во следната фаза. Што мисли нашиот стручен коментатор.

Едноставно немавме среќа со ждрепката. Јасно е дека ЕП е поквалитетно и од СП и од Олимпијада. Тука нема слаби ривали, а посебно не во нашата група. Објективно Данска е најголем фаворит во групата, Словенија е силна, многу силна а и Црна Гора е квалитетна селекција. Ако сакаме пласман во вториот круг мораме да победиме на две од трите средби. Според мене првиот наш меч на ЕП против Словенија ќе биде многу, многу важен. Треба да се „удри“ со сите сили на Словенија, па со малку среќа, се разбира да имаме и свој ден, тогаш би можеле нешто да сториме. Секако реалноста е нешто друго, но ако момците го дадат својот максимум, ако одиграат херојски, мудро, паметно а противникот победи тогаш не треба ништо да им се замерува. Ние сакаме втора фаза, сите сакаме, но ќе видиме. Треба да се биде оптимистички расположен, но не и еуфоричен“.

ДАНСКА, ШВЕДСКА, ФРАНЦИЈА…

Според Магдинчев нема ништо ново кога станува збор за фаворитите за највисок пласман.

Тука се познатите Данска, Шведска, Шпанија како актуелен бранител на европската круна, потоа Норвешка. Од Унгарија како домаќин очекувам да биде позитивно изненадување. Секако дека не смееме да заборавиме на Хрватска и Германија. Тоа се тие селекции кои би се бореле за висок пласман на ова ЕП 2022. На крај да кажам дека им посакувам многу среќа и успешен настап на нашите момци, секако и дека ќе навиваме за нив“ рече на крајот нашиот стручен коментатор.

ПретходноРаботнички се пофали со Анес Рушевиќ!
СледноСилекс денеска ги “запали моторите“, главната фаза во Анталија!