Денес и утре ќе се одиграат полуфиналните натпревари од шпанскиот Суперкуп. За трофејот „трчаат“ Атлетико Мадрид, Атлетик Билбао, Барселона и Реал Мадрид. Натпреварите се играат во Ријад, Саудиска Арабија.
Ждрепката одлучи во полуфиналето да се соочат Барселона и Реал Мадрид, додека ден подоцна ќе играат Атлетико и Атлетик. Финалето е на 16 јануари.
Атлетик е бранител на трофејот кој лани го освои по победата над Барселона во финалето.
Суперкупот вечерва (од 20 часот по средноевропско време) го отвараат Барселона и Реал Мадрид. „Каталонците“ ќе бидат посилни за новото засилување Феран Торес кој доби дозвола за деби за новиот клуб. Педри има негативен тест на коронавирус и се враќа во екипата.
Барса новата година ја почна со победа во Мајорка со 1:0, потоа победа со 2:1 над Линарес во Купот, а пред неколку дена играше со Гранада и беше пред победа но прими гол во 89. минута и освои само бод.
Реал тргна со пораз од Хетафе, но потоа го победи Алкојано во Купот и Валенсија (4:1) во првенството. Винисиус и Бензема се во одлична форма и тоа е најсилното оружје на кралскиот клуб кој воедно е лидер во шампионатот. Двајцата заедно постигнаа 29 голови во Ла Лига и имаа 17 асистенции (Бензема 17 и Винисиус 12).
Во октомври Реал ја совлада Барселона на „Ноу Камп“ со 2:1.
РАСПОРЕД
СИТЕ НАТПРЕВАРИ СЕ ИГРААТ НА ИНТЕРНАЦИОНАЛНИОТ СТАДИОН ВО РИЈАД
12 ЈАНУАРИ
БАРСЕЛОНА – РЕАЛ МАДРИД 20:00 ч.
13 ЈАНУАРИ
АТЛЕТИКО М. – АТЛЕТИК Б. 20:00 ч.
16 ЈАНУАРИ
ФИНАЛЕ