Ракометарите на Франција со победа над Хрватска го започнаа настапот на Европското првенство во Унгарија. Во ракометната класика „триколорите“ славеа со 27:22 (13:11) и им се придружија на Србите на првото место на табелата.
Натпреварот меѓу Французите и Хрватите го одбележа инцидент на теренот во второто полувреме, кога беа исклучени двајца Хрвати, а потоа и третиот Давид Мандиќ, бидејќи го удри Маје директно во лице. Тој доби ексклузивен црвено-син картон поради што по натпреварот детално ќе биде анализиран неговиот неспортски потег, па лесно може да го пропушти дербито против Србија.
Хрватска играше многу тешко без двајцата најдобри играчи Дувњак и Циндриќ, кои се уште се во протоколот за Ковид.
Најголемото изненадување вечерва го направија Холанѓаните кои ја „замолкнаа“ Арената во Будимпешта славејќи над домаќинот на ЕП со 31:28. Норвешка лесно се справи со Словачка победувајќи ја со 10 гола разлика (35:25), додека Швеѓаните немаа проблеми со БиХ победувајќи со 30:18.