Македонската ракометна репрезентација по првото полувреме на дуелот со Словенија (прв на ЕП) има негатива од 13-10. За жал оваа средба, но и следните ќе ги играме без најдобриот, Кирил Лазаров, кој поради повреда ќе ја извршува само селекторската функција.
Мартин Томовски со осум одбрани (еден седмерец) ја држи Македонија, не им дозволува на Словенците да земат залет.
Добро го почнавме дуелот, местото на Лазаров му припадна на Велковски, во нападот на стартот беа Ѓорѓиев, Талески, Стоилов, Георгиевски и Кузманоски. Добро го отворивме мечот со 0-3 и три одбрани на Томовски, имавме и 1-4, но потоа следеше експлозија на фаворитот.
Словенија ја користеше секоја наша грешка, врати со шест гола во низа, во 12 минута поведе со 7-4. Не се предадовме, Кузманоски од седум метри го прекина налетот на Словенците, имавме две шанси да израмниме, но не ги искористивме и тоа со играч помалку, не се снајдовме. Тоа го сторивме подоцна, со два гола на Кузмановски и еден на Талески, Македонија израмни на 8-8 во 19. минута, Томовски беше одличен на голот.
Брзоплетоста беше нашиот проблем, грешевме кога и Словенците беа под нивото. Лесно можвме да го вратиме водството. Во 23. минута влезе и Филип Миркуловски. Израмнивме на 9-9, а потоа и на 10-10.
Словенија во последните две минути успеа да постигне три гола во низа за 13-10 на одморот.
Цветан Кузманоски има три гола, по два постигнаа Велковски, Кузмановски и Талески.