Како што и најавивме, Ристо Магдинчев и на ова ЕП специјално за читателите на „Спортмедиа“ ќе има свој стручен коментар по секој натпревар на нашата селекција.
Познато е веќе, Македонија не одигра така лошо, напротив, против Словенија, но на крајот загуби со 25-27 на првиот меч на ЕП.
“Јас искрено сум задоволен од тоа што го видов. Да, Македонија загуби од Словенија, но ние ги добивме Цветан Кузманоски и Мартин Томовски. И двајцата имаа супер настап. Секоја чест“ ја започна својата анализа Магдинчев и продолжи..
“Бевме агресивни, не бевме брзоплети, имавме одличен старт, водевме со 4-1, но потоа дојде таа црна дупка и Словенија врати со серија. Тоа требаше да го спречиме. Во првиот дел бевме егал се до последните две минути, кога противникот постигна два гола и успеа да замине на пауза со три гола разлика. Во вториот дел почнавме со 7-6, можеби тоа беше грешка, се виде дека тоа не оди, се разбира дека тоа го виде и селекторот Лазаров и се врати на 6-6 што се вели. Постојано бевме во потрага по нивното водство, секогаш бевме тука блиску, но на крајот сепак не успеавме. Сепак не заборавајте, Македонија го доби резултатски вториот дел“.
ОДБРАНАТА БЕШЕ ОДЛИЧНА
Сите се сложуваат, па и Магдинчев дека нашата одбрана вечерва беше одлична.
„Да, апсолутно, и кога го имаше еден Томовски на голот тогаш се е полесно. Бадијала не рекле дека добриот голман е 70 насто од тимот. Бевме дисциплинирани, реков немаше паника, се виде дека знаеме што сакаме, и тоа делуваше доста добро. Сметам дека Македонија реално не заслужи да загуби, барем јас така сметам со оглед на се она што беше прикажано, превага донесоа тие технички грешки кои ние ги имавме. А тие доаѓаат со екипата која е млада, полетна, но тоа треба да биде едно наше искуство повеќе за во иднина“.
Лазаров на ова ЕП ќе биде само селектор…
“Тоа е шанса за останатите, да се ослободат од притисокот кој го носи играњето покрај Лазаров. Ние мораме да научиме да играме без Кире, и се виде вечерва дека тоа добро ни оди. Сметам дека проблем нас ни беше десната страна, од таму не доаѓаа опасности кон противничкиот гол, немаше на моменти и голови од пикерите, но затоа по таа лева страна беше одлично, и тоа поради Цветан Кузмановски. Да завршам, добар натпревар на Македонија, јас сум пријатно изненаден. Се виде дека имаме квалитет, мотив, желба, сакаме да се бориме. Словенија победа поради таа нијанса што ја имаше на своја страна“ заврши нашиот стручен коментатор.