За македонската ракометна икона, Кирил Лазаров ова Европско првенство ќе биде поинакво од останатите. Лидерот на теренот во Дебрецен го игра последното големо натпреварување во „црвено-жолтиот“ дрес, тој на крајот на оваа сезона ќе стави крај на својата кариера.
25 години Лазаров гордо се бореше за својата држава, сиве овие 25 години се исполнети со подеми и падови, во сиве овие 25 години има почуствувано среќни и тажни моменти, даваше голови, но и примаше удари, се за својата татковина Македонија.
„25 години го носев грбот, пеев химна, славев и тагував, давајќи голови и примајќи удари, сето тоа на начин на кој луѓето да бидат горди што сме дел од еден ист народ, македонскиот“, ќе каже Лазаров во својата Автобиографија, зборови кои долго време ќе бидат запаметени, зборови кои доволно говорат со каков жар, со каква љубов игра за Македонија.
Сиве овие години Кире успеа да се запише во историјата на европските натпреварувања, беше прв стрелец до пред две години, со 61 гол, се уште е во вечната листа на Топ 10 стрелци, Лазаров го има најдобриот учинок на Светските првенства, на секое големо натпреварување неговото име постојано се спемнува. Тој е синоним за професионалност, гордост, борбеност, истрајност…
Кога сме кај љубовта кон својата земја, кон македонското знаме, кон ракометот, беа доволни аргумeнти, од неодамна на седне на „жешката“ клупа и да извршува три улоги, играч, капитен и селектор.
Без да се двоуми го прифати предизвикот, почна да испишува нова страница во својата кариера.
По успешните квалификации, сега го чека тешка европска битка. Лазаров ќе војува со Словенија, Црна Гора и Данска.
Има големо искуство во сите натпреварувања од репрезентативни до клупски. Сака своето искуство да им го пренесе на помладите, сака да создаде генерација која ќе го продолжи континуитетот на големите натпреварувања.
Иако предизвикот е голем, тој гордо стои пред него, не бара изговори…
Пред Европското првенство токму во интервју за СПОРТМЕДИА говореше за одлуката да биде и селектор на земјата за која никогаш не се штедеше.
„Точно 25 години сум дел од националниот тим. Токму поради овој аргумент мислам дека не ми требаше многу време за прилагодување во новата улога. Добро ги познавам работите внатре во тимот, како оваа репрезентација функционирала и како функционира. Секогаш во тие 25 години бев продолжена рака на стручните штабови за доброто на националниот тим.
Предизвиците треба да се прифаќаат и да се биде храбар. Свесен сум за обемот на работата и одговорноста која ја носам, но ја сакам својата работам и тоа го правам со огромен ентузијазам и посветеност.
Се вложувам максимално и сигурен сум дека со квалитетна и посветена работа ќе придонесам да го дигнеме нивото во националниот тим во сите погледи“, ни рече Лазаров.
Денеска Кире ќе дебитира на првиот меч на едно големо натпреварување како играч и како селектор, по што ќе остане запаметен во историјата на овој спорт. Многумина се прашуваат како ќе успее да се снајде со двете улоги, но многумина не знаат колку тој е голем вљубеник во ракометот, колку навистина ја сака Македонија.
Затоа заслужува целосна почит, за она што го има направено и за она што допрва треба да го гради со националниот тим.