Да не го „газиме“ најуспешното, ниските удари и „отровните стрели“ да ги сочуваме за други цели!

397

Јануари во изминатите години секогаш е месец резервиран за воздишки, благодарение на македонската репрезентација. Токму овие момци се причината поради која срцата на момент во најладните денови ни се исполнети со топлина, адреналинот е до „плафон“, сите заедно делиме среќни и тажни моменти, сите заедно „грицкаме нокти“, сите забораваме на секојдневните проблеми, дел патуваат по 1.000 километри за да бидат на трибините, да ги бодрат од лице место своите миленици.

Но, пред секое големо натпреварување забораваме на еден важен момент. Македонија не е ниту Шпанија, ниту Франција, па и Словенија или пак Хрватска. Сите сме „гладни“ за победи, почнувајќи од нас новинарите, сите сакаме да пишуваме бајки, сите сакаме да ја видиме Македонија до крајот на едно големо натпреварување, што пак е нормално и природно.

Едно се желбите, друго се можностите.

Македонија не е аутсајдер во европското елитно друштво на 24 величенствени репрезентации кои од денеска ја почнуваат својата битка, но ниту пак е веле-сила. Треба да бидеме горди што имаме еден национален тим, кој постојано е на светските и европски карти. Сигурна сум дека никој не ја сака Македонија повеќе од Кирил Лазаров и неговите момци.

Од нашите ракометари имаме право да бараме една работа – да одиграат лавовски во следните денови, а тоа ќе биде победа за сите нас.

А ние, ние, да бидеме помалку селектори, да бидеме големи и во поразите, оти нашите момци не заслужуваат ниски удари. Лесно е да се гледа од страна и да се суди, но никој не ја гледа позадината, ако некој сака да победува и да се радува, тоа се сигурно овие играчи кои дојдоа во Дебрецен, само сплотеност може да ни ги разубави следните ракометни денови.

Почнуваме со Словенија, завршуваме со Данска. Два противници кои имаат страшно добри состави, противници чии ракометари играат во големи клубови, противници кои се ракометно подобро покрепени од нас.

Затоа ужувајте, во корона-лудилото само спортот може да не оттрне од реалноста.

За кого – за Македонија!

ПретходноФерати се врати на Чаир
СледноПОЧНУВА ЕП ВО РАКОМЕТ: Лазаров оптимист „Очекувам храбра и полетна Македонија!“