„Македонија се уште го има истиот проблем, менува многу играчи во одбрана и напад“

629

Словенија исто како и Македонија овие денови се подготвуваше за првата средба во групата А во Дебрецен, а тоа е дуелот со нашите момци. Љубомир Врањеш на располагање има армија на искусни ракометни имиња, но не секогаш долгата клупа победува, особено на отварањето на големите натпреварувања.

Миха Зарабец, еден од најдобрите играчи на Словенија како слаба точка на Македонија ги издвои бројните замени во напад и одбрана. Тој тука ја гледа предноста на својата земја.

„Македонците направија промени во транзицијата на играта, трчаат многу повеќе, побрзи се. Се уште го имаат истиот проблем, треба да сменат доста играчи во одбраната и нападот и ние да можеме да ја искористиме. Ова е еден од нивните минуси во играта. Ќе видиме, но верувам дека го имаме вистинскиот квалитет да ги победиме, а тоа мораме да го докажеме на натпреварот“, изјави словенечкиот ракометар Миха Зарабец.

Ова Европско првенство се игра во едни поинакви услови, поради пандемијата коронавирус, дел од репрезентациите нема да настапат во посакуваниот состав.

„Ситуацијата е чудна за сите. Сите имаме исти услови, повеќето репрезентации мораа да откажат некои прелиминарни натпревари. Повторно не чека воведниот натпревар против Македонија и сите знаеме колку е добра. Напредувавме, знаеме зошто сме тука. Мора добро да го отвориме првенството“, додаде Зарабаец. 

Дуелот меѓу Македонија и Словенија е закажан со почеток во 18 часот.

ПретходноМа, не може да биде подобро: Митревски е негативен, наскоро во Дебрецен?
СледноЊукасл го промовираше Вуд