Хрватите пред да отпатуваат на ЕП имаа проблеми со заразени ракометари, го загубија првиот дуел со Франција, а за вториот меч со Србија (сабота, 20.30 ч) се соочија со нови проблеми. Давид Мандиќ е суспендиран на еден натпревар додека Леон Шушња и Ловре Михиќ отпаднаа поради позитивни тестови на Ковид-19.
„Хрватската машка ракометна репрезентација се соочи со нови потешкотии во Сегет. Денешните ПЦР тестирања покажаа дека кружниот напаѓач Леон Шушња е позитивен на Ковид-19, лесни симптоми за сега има Ловро Михиќ. Со оглед на тоа дека нема многу време за подготовки за мечот со Србија, селекторот Хрвоје Хорват во набрз можен рок ќе одлучи кои двајца играчи ќе ги повика дополнително во Унгарија под услов да имаат негативен ПЦР тест“, објавија од РС на Хрватска.
Поточно РС на Хрватска на тестирање ги испрати Жељко Муса и Валентин Равниќ и ги повика да дојдат во случај на потреба за мечот против Србија. Во Сегет веќе пристигна Марин Јелиниќ кој ќе биде замена за исклучениот Мандиќ.