Лазаров: Ја загубивме главата, сакавме брзоплето и загубивме на „Македонски“ начин

1017

По неочекуваниот пораз вечерва од Црна Гора, ракометната репрезентација на Македонија нема повеќе шанси за пласман во следната фаза од Европскиот шампионат во Унгарија. Разочарувањето е големо, очекувавме победа и добра игра против овој противникот, затоа што едноставно тоа и требаше да се случи, но останавме со празни раце. Зошто, најдобриот одговор секако го има нашиот селектор Кире Лазаров.

„И самите видовте дека направивме грешки во серија. И самиот не можев да реагирам затоа што истите се случуваа како на филм. Играчи кои играат во клубови кои што се дел од Лигата на Шампионите, кои што имаат сериозни улоги, не смеат да си дозволат вакво нешто, вакви грешки. Без разлика дали е добра стратегијата, ние како штаб сме тука за да ги подготвиме но играчите се тие што на терен мора тоа да го спроведат“ – рече Лазаров па продолжи. 

Психолошки се „блокиравме“

„Дојде до еден психолошки блок, каде што едноставно бевме немоќни. Видикот, перцепцијата во еден момент ги снема, едноставно не знаевме што правиме. Очигледно дека имавме голем притисок, работата не тргна добро, се враќавме резултатски бевме блиску но наместо да се посветиме на наша одбрана ние бркавме цело време некаква негатива“ – истакна нашиот селектор па поентираше. 

„Евидентно е дека мора да учиме уште многу, да тренираме, секако  дека не сакам сите овие работи кои ни се случуваат да ги користам како алиби, особено денес, и случувањето со капитенот Стоилов, во последен момент не знаевме дали ќе настапи. Едноставно на вакви натпреварувања не може да си дозволиме да фалат седум осум играчи, како јас, Столе, Никола Маркоски, Манасков, Михајло Младеновиќ, Ојлевски. Денес еве имавме проблеми и со Маџовски, се повреди на тренинг, денеска беше и тој под знак прашалник. Ни се случија многу работи, но тоа не е алиби за поразот.

Ја загубивме главата, сакавме брзоплето, на „македонски“ начин што се вели. Ете работевме и со психолог, имамве голема подршка и од публиката. Во разговор со моите соработиници од стручниот штаб пред мечот констатиравме дека од страна уште повеќе се чувствува таа поддршка. Навистина ми е жал, но едноставно откако сум јас селектор, без разлика дали сме победиле или сме загубиле противничкиот голман е најдобар играч. Така беше со Словенците, така беше и со Данска, со Швајцарија, Финска. Ќе работиме на тој  сегмент, ќе работиме и понатаму. Видовме со што располагаме, имаме иднина, но кога се работи за вакви одлучувачки мечеви мора да биде психолошки јак. Ќе анализираме секако, ни останува уште еден меч. Против Данска ќе одиграме ќе уживаме. Многу работи се изнаслушавме, не сакам да коментирам судење, и одлуки“ – изјави Лазаров. 

ПретходноСамо втора победа на Црна Гора на Европските првенства!
СледноМитревски: Треба да учиме, Црна Гора беше повеќе мотивирана и агресивна! (ВИДЕО)