По поразот од Словенија на стартот на Европското првенство, македонската ракометна репрезентација денеска (18 часот) ќе ги одмери силите со Црна Гора. Овој дуел е вистинска шанса за прва победа на континенталното натпреварување.
Двата бода ќе значат продолжување на сонот за пласман во главната фаза, но и потврда дека оваа Македонија е на вистинските патеки. Противникот не е за потценување, особено во време кога Кирил Лазаров е само селектор, а Дејан Манасков е надвор од стројот поради тешка повреда.
Но, сетоа ова не треба да биде изговор. Момците се уверија против Словенија дека можат да се снајдат и во една ваква ситуација. Одиграа храбро и мотивирано, го изненадија противникот, кој долго време се подготвувал за Лазаров. Ракометарите кои добија шанса, дел беа непознаница за Љубомир Врањеш.
Сите по мечот беа едногласни – добро го знаевме секој потег на Словенија.
Не се ни сомневаме дека вака ќе биде и против Црна Гора. Иако токму оваа селекција е најтешка за тактичка подготовка (поради бројните позитивни случаи на Ковид-19), сепак со верба во себе – победата треба да биде загарантирана.
Двата бода ќе ни го олеснат и патот кон Светското првенство за место во шеширите пред ждрепката, но и ќе ја дигнат самодовербата кај помладите, дел од нив за првпат добија поголема минутажа на едно големо натпреварување.
Мартин Томовски, кој заврши одлична работа на голот против Словенија за потпора ќе го има поискусниот колега, Никола Митревски, кој вчера допатува во Дебрецен, откако беше негативен на Ковид-19.
Страв постои, оти противникот е различен, потребно е грешките од првата средба (ги имаше 16) да се намалат за да дојдеме до првата радост.
„Ќе се погрижиме да ги корегираме сите грешки, недостатоци, и едноставно да ја искористиме оваа ситуација, да дадеме се од себе, за да се радуваме на позитивен резултат против Црна Гора“, изјави Мартин Томовски.
Тука е „Фалангата“, Македонија ќе игра огромна поддршка од трибините, и на ова големо натпреварување ги има во голем број, многу повеќе од останатите репрезентации во нашата група А.
На крајот, нашите момци знаат како се победува Црна Гора на ЕП, пред четири години во Хрватска ја совладаа со еден гол разлика.