Австралија Опен за најдобриот светски тенисер веќе е минато. Но се чини дека шокот допрва доаѓа за Новак Ѓоковиќ. Имено според пишувањето на „Марка“, еден од највлијателните спортски весници, Србинот нема да може да настапи ниту на Вимблдон, ниту на УС Опен годинава. Може да смета евентуално настап на Ролан Гарос во Франција.
Се разбира ако во текот на следните месеци законите во САД и В. Британија не се сменат или пак коронавирусот исчезне.
И се поради фактот дека тој не е вакциниран. Според „Марка“, најверојатно Франција нема да му прави проблеми на Новак, но затоа Американците и Англичаните ни во сон не смеат да помислат да му дадат “виза“ на еден невакциниран спортист да влезе во нивната земја и да настапува на големите тениски турнири.
Пред некој ден премиерот на В. Британија, Борис Џонсон јавно го прозва Новак да се вакцинира. Имено Џонсон рече дека тој со Новак се пријатели, играле заедно тенис, но и дека мора да се вакцинира со цел да ги избегне проблемите.
Ако ова е точно, тогаш Новак ќе може да настапи само во Париз оваа година, а познато е дека на “земјата“ на Ролан Гарос не му оди баш перфектно како на останатите турнири.
Па така сега на потег е самиот Ѓоковиќ. Има две опции. Првата е да продолжи со својата тврдоглавост и натаму да одбива да се вакцинира, а со тоа да ја загуби шансата да дојде до 21-от трофеј на Грен – слем турнирите и со тоа официјално да биде НАЈГОЛЕМИОТ во историјата. Втората опција е да се вакцинира и да настапи на сите три турнири оваа година и да ги радува своите фанови со нови рекорди, пехари и успеси, се разбира и да докаже дека е НАЈ, НАЈ во историјата.
Оваа епизода од Мелбурн би требало да му биде голема поука, ако се знае дека тој како тенисер во наредните три години нема да може да влезе во Австралија. И за него освојувањето на десетиот пехар на АО остана само нешто недостижно.
Затоа НОВАК е на потег…