Ако збориме за болка по еден пораз и колку е голема истата, ова најдобро го знаат репрезентативците. Не е лесно да се носи дресот на Македонија, а притоа да се загуби. Не е лесно да видиш во публика навивачи, кои патувале илјадници километри само за да ги бодрат своите миленици.
Разочарувањето кај сите оние кои не се на терен ќе помине брзо, но горчината останува токму кај актерите на теренот. Точно е дека има грешки, конкретно против Црна Гора, точно е дека нивото не беше според очекувањата, но мора да се има трпение за една ваква генерација.
Кирил Лазаров е нашата најголема болка овие денови. Видовме дека без него е тешко, а кога ќе се додадат сите повреди, проблеми со Ковид-19, сфаќаме дека сликата ќе беше поинаква во Дебрецен.
Македонската гол-машина како и останатите ракометари жали за навивачите што се најдоа во Дебрецен, жали што не ги наградија со победа.
„Мене ми е многу жал. Не можам да кажам дека сум само разочаран, жал ми е за навивачите што дојдоа , што поминаа толку многу километри за да не бодрат како и секогаш, но ние секогаш паѓаме на вакви работи. Се надевам дека ќе ја научиме лекцијата“, рече Лазаров по мечот и додаде:
„Работевме со младите играчи во овој подготвителен период и на психолошки план, но се покажа дека тоа не е доволно, треба да се работи, но треба и играчите сами индивидуално да си ги решаваат тие работи. Тие се професионалци кои живеат од ова. И јас сум с соочувал со такви работи и сега се сооќчувам. Треба да се избориш со проблемот. Имав некое чувство дека ќе биде добро. Така и се чувствуваа играчите играа опуштено, имаа самодоверба. Се подготвувавме многу, но кога дојде второ полувреме, кога се приближуваше крајот се укочија и Филип Талески и Филип Кузмановски и Мартин Велковски и Мишевски и малиот Цветан Кузмановски и кај Костевски се виде еден грч. Се се тоа млади играчи дваесетгодишници, меѓутоа тоа е тоа што го имаме. Тие се квалитетни и талентирани, но треба да анализираме добро и да работиме уште многу и уште поквалитетно и попосветено“
Лазаров стои цврсто на ставот дека почетниот состав не е грешка, мора да се ротираат играчите во една ситуација кога играш против врвни селекции.
„Не би рекол. Мартин Серафимов имаше одличен подготвителен период. Мартин Велковски не беше, беше повреден подоцна се приклучи…Сите квалитетни, врвни селекции ротираат, ова е интензивен меч во текот на 60 минути морате да направите ротации. Сакав на почеток да ги искористам тие минути, меѓутоа се виде дека не оди. Серафимов даде неколку гола, но направи многу грешки, Игор Ѓоргиев исто. Костески не направи грешки, но се виде дека не може. На левата крилна позиција немавме друга опција бидејќи Маџовски се повреди.Томовски имаше коректни одбрани,. Но дали го притисна малку самото присуство на Никола Митревски како име и презиме, исто е за дискусија. Многу работи се собраа. Меѓутоа тоа што е е. Се надевам дека на првиот следен официјален, битен натпревар ќе се консолидираме, ќе бидеме и комплетни и ќе успееме да се пласираме на големо натпреварување што ни е од исклучителна важност“.
Македонија денеска има ден за одмор, утре го игра последниот меч од групната фаза, против Данска.