„Јој Маџарице“: Ситни души што тријат раце, ниски удари кон тие што нè научија да летаме високо

13081

СПОРТМЕДИА во ДЕБРЕЦЕН, ✍️ Марија Ковачева

Македонската ракометна репрезентација не успеа да остане во игра за втората рунда, ниту пак да дојде до првата победа на ова Европско првенство. Со оглед дека утре играме против Данска, ова континентално натпреварување ќе го завршиме како последни во групата – факт кој не боли сите.

Не знам зошто Кирил Лазаров не сака да бара алиби, му се чудам цело време? Па, кај нас во Македонија, особено во политиката вината се бара кај претходникот, кај оние кои почнале да ја градат нашата земја до ден-денеска.

Одговорот е едноставен:

Лазаров е премногу голем за да падне во замките на луѓето како што јас милувам да кажам – ситни души што тријат раце. Кире е име и презиме во Европа за да го покаже прстот кон некого.

Како во една ноќ да се избришаа сите 25 години кои токму овој човек гордо го носеше дресот на Македонија. Како во еден миг сите да заборавија дека Лазаров ја победи Данска среде Скопје со овие момци, како сите да заборавија дека Македонија не е Вардар, како да заборавија дека Македонија не е ниту Шпанија, Данска или што знам, Словенија, па и една Црна Гора.

Секој сака победа, секој сака да ја гледа Македонија во европскиот ракометен крем…Не се сомневам дека ова е желбата на поголем дел од вистинските поддржувачи на националниот спорт општо.

Но, се чини од што сме „загушени“ од секојдневните случувања во Македонија, наместо да бидеме малку реални, наеднаш апетитите ни се зголемуваат. Реалната слика – станува трагедија.

Македонија на овој шампионат тргна без Манасков, Марковски, Митревски и Кирил Лазаров, остана без Стоилов за дуелот со Црна Гора. Ретко кој се осмелува да се врати четири години наназад и да го провери составот со кој Македонија играше против Црна Гора, а притоа ја победи минимално – само еден гол разлика.

Ви текнува нели? Ги имавме сите овие имиња, плус Јоновски во одбраната!

Не ми е јасно од каде сега толку големо разочарување, од каде таа храброст да се навредуваат сите репрезентативци, па и од страна на стручњаци.

Па нели заборавивте? Ајде да тргнеме од домашниот шампионат. Колку сите репрезентативци добиваат доволно шанси во своите клубови, зборувам за оние кои играат во Супер-лигата.

Кога се градеше европски Вардар, Македонец ретко и да постоеше. Сега кога Вардар е три нивоа од тој што беше Македонците греат клупа. Зошто? За да играат странците! Па дел од играчите што вчера играа за Црна Гора им го земаа местото на Македонците. Никој не сака да им даде шанса на македонските играчи – никој не верува во нив. Каков и да е – странец да е!

Удирате по Талески, зошто не се чепне темата Вардар и упорноста на првиот човек на овој клуб да се смени правилото за странци во домашниот шампионат, зошто Жељко Бабиќ во Е. Пелистер има голем број на странци, зошто ете клубови од средишниот дел од табелата се тепаат за непознати странски имиња?

Не чинел Серафимов, Кузманоски, Костески, Ѓорѓиев… среќа што сите овие и останатите помлади играчи играат за Барселона, Кил, Киелце… Среќа што имаат огромно искуство. Ако не изгорат сега – кога?

Ете зошто некој не почне од себе, а потоа да трие раце и да се радува на еден ваков за мене искрено и не е неуспех.

Реалноста е таа. Македонија се гради, треба трпеливост, ова не е натпревар на 400 метри со пречки, ова е процес. Ова не е политика, ова не се тендери, не е купување во продавница, ова не е шалабајзерско ставање ефтини столбови, клупи, бандери…

Јасно ми е дека дел и си лечат фрустрации. Јас искрено би ги поканила сите да минат кратко време во дресот на националниот тим, па потоа да седнеме да правиме муабети ама сериозни.

Зошто постојано се бара ’рчка, зошто секогаш се насочува прстот кон едни исти, зошто еднаш, барем еднаш, не застанеме на страната на играчите, зошто барем еднаш не го земеме списокот и почнеме да размислуваме реално?

Се сеќавам, иако не сум стручњак, Мрме ја утна тактиката на Европското првенство ама сите молчеа, сите ги поддржуваа фудбалерите, знам и зошто. Македонија првпат се најде на едно големо натпреварување.

Се чини дека тоа е лекот, па ако не беше ракометот, ако не беше Кирил Лазаров да не влече од квалификациите до големите натпреварувања, ние ретко кога ќе се најдевме во европскиот или светскиот крем – макар играле само групна фаза.

За крај да не заборавиме, ракометната репрезентација 11 години е редовен учесник на големите натпреварувања, тие што не научија да летаме високо – сега не заслужија ниски удари.

За кого – за Македонија!

ПретходноРома го победи Каљари благодарение на новото засилување (видео)
СледноДурент повторно се повреди, следува пауза подолга и од еден месец