По пауза од 6 години Ливерпул повторно ќе игра во големото финале на англискиот Лига Куп. Еден од двата најтрофејни клуба во ова натпреварување, вечерва со 2:0 го совлада Арсенал на „Емирати“ во Лондон и успеа да обезбеди место во големото финале кое ќе се одигра на 27 февруари на „Вембли“.
Творец на победата на „десеткуваниот“ тим на Јирген Клоп беше фантастичниот Диого Жота кој ги постигна двата гола за Ливерпул. Првпат се запиша во листата на стрелци во 19. минута, а печат на пласманот во финалето стави со вториот гол во 77. минута.
Ливерпул во големото финале на „Вембли“ за противник ќе го има Челзи, кој во второто полуфинале беше подобар од Тотенхем. Последен пат Ливерпул го освои Лига Купот пред точно 10 години.