Полска и Русија одиграа одличен натпревар со бројни пресврти и промени на водството. Првиот дуел од групата 2 денеска заврши без победник, откако Косоротов во последната секунда, од 15 метри погоди за 29-29. Сепак овој бод за „зборнајата“ не е доволен за полуфиналето, победа ќе ги оставеше во игра.
Косоротов со осум гола и Житников со седум гола беа први стрелци кај Русија. Доста интересно е што Косоротов, по негативниот тест излезе од изолација вчера и веќе денеска беше во составот на својата репрезентација.
Руските ракометари добро го почнаа мечот, поведоа со 2-5 и 4-7, позитивата ја одржуваа до 26 минута, по која Полјаците со два гола во низа се изборија за првото водство на овој дуел (12-11), на одморот заминаа со предност од 13-12.
До 37. минута, Полска држеше ритам, Корнев и Житников ја вратија „зборнаја“ во игра (17-18). По погодокот на Виноградов за 21-23 се разбуди противникот, израмни на 23-23 за неизвесност до самиот крај.
Русија имаше шанса да го диктира темпото, Валчак постигна важен гол за водство на неговата репрезентација од 27-26 на нецели шест минути до крајот.
На нецела минута до крајот, „зборнаја“ при 28-28 не искористи напад за да поведе, на другата страна Полска преку Дашек реализираше за 29-28. Се чинеше дека ова ќе биде победа за условно кажано домаќинот, но Косоротов од 15 метри донесе бод како планина на својата селекција.