Гаџа ја реши драмата: Хрватска преку Исланд до први бодови во главната рунда

221

Уште еден одличен натпревар од главната фаза на Европското првенство. Исланд и Хрватска ги видовме во две различни лица, на крајот победата отиде на контото на „коцкестите“ и тоа благодарение на Анте Гаџа во самиот финиш погоди за 22-23.

Со овој триумф Хрватите ја продолжија доминацијата во пресметките со оваа селекција, истовремено и направија услуга на Франција во битката за полуфиналето на ЕУРО. Олимпискиот првак игра против Црна Гора со победа ќе го направи главниот чекор кон завршниот викенд во Будимпешта.

Доста интересно е што единствениот погодок вардарецот Гаџа го постигна токму за победа. Број еден стрелец беше Лучин со шест погодоци, тој и го понесе признанието за играч на мечот, по пет гола имаа Чупиќ и Мартиновиќ. Пешиќ блескаше со 13 одбрани. На другата страна Поркелсон имаше шест гола.

Исланд доминираше во првото полувреме, поведе со 3-1 во деветата минута, па со 7-4, па 8-4. На спротивната страна хрватските ракометари делуваа загубено, серија од три грешки во низа, ги чинеше негатива од пет гола 9-4 беше во 19. минута. По 10-5, Иван Чупиќ влезе во серија на успешно изведени пенали (вкупно четири), а неговата репрезентација тивко го „делкаше“ водството на противникот, на одморот успеа да намали на 12-10.

Оваа игра ги подигна Хрватите, предводени од одличниот Пешиќ, кој блескаше на голот, во првите 15. минути од вториот дел направија серија од 9-2 и поведоа со 14-19, најголемо водство на дуелот, во форма беа Срна, Мартиновиќ, Лучин и Мариќ. На другата страна Исланд влезе во поентерска криза, третиот гол го постигна во 45. минута за 15-19.

По 15-20, „рибарите“ се разбудија и со серија од 7-1 поведоа со 22-21 во 55. минута, го казнија невниманието и брзоплетоста на Хрватите. Пешиќ со две одбрани во низа, спречи противникот да отиде во поголема позитива, додека неговите соиграчи имаа серија на технички грешки.

Нациновиќ израмни на 22-22 за голема драма. Исланд промаши од чиста позиција, на другата страна Гаџа погоди за 22-23, слободниот удар на противникот не заврши во мрежата на Пешиќ за голема радост.

ПретходноКиеза го оперираше коленото, ќе се врати ли на време за СП во Катар?
СледноРаботнички тргна победнички на пријателските во Анталија