24.01.2022 – 24.03.2022: Два месеца до историскиот дуел во Палермо!

294

Остануваат точно уште два месеца до историскиот дуел во Палермо, од полуфиналето во плеј – офот за пласман на СП во Катар 2022 година.

Денеска сме 24 јануари, а на 24 март како што е општо познато Македонија ќе и гостува на Италија во полуфиналето од баражот за пласман на Мундијалот. Иако има уште многу, атмосферата во фудбалска Македонија полека, но сигурно се загрева. Во Италија исто така. Јасно е дека европскиот првак е фаворит, јасно е дека селекторот Благоја Милевски не ќе може да смета на својот најголем адут Елиф Елмас, но повеќе од јасно е дека сите оние кои ќе истрчаат вечерта на 24 март во 20:45 часот на стадинот “Ренцо Барбера“ ќе го дадат и повеќе од својот максимум за себе и за Македонија.

Италија е силна, има ѕвезди во својот состав, но Македонија покажа и докажа во последно време дека и тоа како знае да одигра најдобро кога е најпотребно.

Тактиките наголемо се подготвуваат од двата селектора, Благоја Милевски и Роберто Манчини. Без разлика на сиот оптимизам во таборот на репрезентацијата на Италија, најавите дека Манчини ќе го враќа Марио Балотели, со цел да му помогне против Македонија, значи само едно. А тоа е дека на Манчини не му е сеедно пред дуелот со Македонија.

Колку за потсетување, победникот од мечот во Палермо, во финалето на плеј – офот се среќава со победникот од дуелот меѓу Португалија и Турција.

ПретходноЛука Циндриќ: Ова ЕП не требаше да се игра!
СледноКиеза го оперираше коленото, ќе се врати ли на време за СП во Катар?