Селекторот на фудбалската репрезентација на Малави, Марио Мариника, кој вечерва со своите момци игра во осминафиналето на Африканскиот куп на нации, ја критикуваше организацијата на турнирот и двојниот аршин кој домаќините го имаат кон некои селекции. Романскиот стратег се пожали на условите и ги обвини организаторите за дискриминација на некои селекции.
„Не можев да земам млеко за појадок, ми рекоа дека е готово и да дојдам утре. Ние сме третирани како луѓе од втор ред. Ова е неприфатливо во денешниот свет. Сигурно не би го виделе Садио Мане како си ги мие гаќите и ги суши на грмушка. Тимовите се третираат поинаку, а тоа се случува само со малите репрезентации. Немаме доволно храна, постојано се жалиме на тоа. Но, ние останавме обединети, работевме напорно и на крајот ќе покажеме дека не можат да не омаловажат“, изјави Мариника.
Репрезентацијата на Малави вечерва ќе се сретне со селекцијата на Мароко во битка за историско четврфинале.