Вечерва ќе биде познато името на последниот патник во полуфиналето на Европското првенство. Исланд и Франција се двете репрезентации кои се борат за последниот билет кој води на завршниот викенд во Будимпешта.
Исланд игра против Црна Гора во првиот термин од 15:30 часот. „Рибарите“ со победа над Црна Гора и пораз на Франција од Данска ќе се најдат на второто место на табелата. Пораз за нив ќе значи елиминација од полуфиналето, но и шансата да се борат за петото место на ова Европско првенство.
Доколку Исланд биде поразен, во тој случај Франција ќе игра под помал притисок против Данска. Пред дербито во групата 1, селекторот Николај Јакобсен испрати добри вести за француските ракометари, на оваа средба не планира да игра во најсилен состав, сака да одмори дел од ракометарите за полуфиналната пресметка.
„Ќе се обидеме да одиграме добар меч против Франција, но нашиот најголем фокус ќе биде да ги сочуваме играчите за полуфиналето, кое ќе биде најважниот меч за нас на овој турнир. Веќе знам кого ќе одмарам вечерва, а во текот на мечот ќе проценам дали ќе одморам уште некои од ракометарите“, рече Јакобсен.