Ѓоревски: Ќе работиме МЗТ да излезе од локални рамки и да стане – национален проект!

254

Некогашниот кошаркар на МЗТ Скопје Аеродром, како и на уште неколку други прволигашки екипи, Филип Ѓоревски, од минатата недела и официјално ја почна новата епизода во МЗТ Скопје Аеродром како генерален извршен директор, функција преку која ќе ја трасира патеката по која ќе се движи клубот, со цел да се продолжи доминацијата од изминатава деценија, но и истата да се надгради со освојувања нови врвови и уште позначајна презентација на меѓународна сцена.

Популарниот Фичо е аеродромско дете, израснато во популарната „Лименка“, кој најдобро ја знае тежината на сино-белиот дрес и кој одлично знае во каква приказна влегува.

За мене функцијата извршен директор на клуб како МЗТ Скопје Аеродром претставува огромна чест и задоволствоно, а пред сѐ и огормна одговорност. Како аеродромец одлично знам што значи овој клуб и колкава тежина има и носи ова име. Затоа во старт ветувам дека ќе дадам сѐ од себе и дека ќе го дадам својот максимум за дополнително да го издигнеме клубот на уште повисоко ниво, пред сѐ да донесеме и меѓународен сјај на доминацијата која со години ја имаме на домашна сцена“, вели Ѓорески.

Новиот предводник на составот од Аеродром веднаш ги „заврти ракавите“ и се фати за работа, со цел да го оствари своите планови за време на мандатот на функцијата што ќе ја извршува во следниот период.

Планирам да поставам целосно отворен пристап, односно да постои максимална достапност и транспарентност во функционирањето и раководењето на клубот. Да ја подобриме организацијата и да ја поставиме на уште повисоко ниво. Сакам да биде онака како што го паметиме МЗТ Скопје од минатото, клубот да функционира како една единка, односно како едно семејство, почнувајќи од младинската школа, женската екипа, вториот тим МЗТ Уни Банка и нормално носителот на целата приказна – МЗТ Скопје Аеродром АД“, дополнува новиот директор.

Вложувањето во младинската школа и во кревање на далеку повисоко ниво на овој сегмент ќе биде еден од приоритетите на Ѓоревски во неговиот мандат како предводник на актуелниот шампион.

Сериозното вложување во младинската школа, како во делот на талентите, така и во стручните штабови во секоја генерација ќе биде една од моите примартни целите како нов предводник на клубот. Во сениорската екипа, пак, приоритет ќе биде формирање состав во кој ќе се најдат седуммина од најдобрите домашни играчи во државата, надополнети со тројца млади репрезентативци и три до четири екстра-квалитетни странци. Ќе атакуваме на што побрзо враќање во елитната АБА-лига, а со тоа искрено се надевам и на враќање на публиката. Драстично ќе го подобриме маркетингот, планираме повторно отварање на фан-шопот, каде што нашите навивачи и симпатизери ќе може да дојдат до артикли со логото на клубот, уште поактивно функцинирање на социјалните мрежи и активна интернет-страница со редовно објавување на сѐ што се случува во клубот. Планираме снимање емисии, популарните подкасти и сѐ друго што ќе придонесе младите во Аеродром, но и пошироко секојдневно да живеат со МЗТ Скопје“, објаснува новиот директор.

Отвореноста на клубот кон сите добронамерници ќе биде една од стратегиите на Ѓоревски за време на неговиот мандат.

Најблиски соработници ќе ми бидат сите луѓе, претпријатија и фирми, кои ќе имаат и најмала желба да го помогнат овој проект, за кој се надеваме дека ќе биде национален и кој ќе треба да го подигне спортот и кошарката во државата на едно повисоко ниво. Нашата врата ќе биде отворена за сите. Клубот и јас како директор, ќе бидеме отворени за соработка за секој кој мисли дека би можел да помогне и кој има желба за соработка. Верувам дека зад нас е времето кога клубот беше локално затворен само во границите на општина Аеродром и дека доаѓа периодот во кој МЗТ Скопје ќе биде клуб на целата држава и за кој ќе навиваат луѓе надвор од нашето, досега природно опкружување“, најавува популарниот Фичо.

Новиот директор доаѓа среде сезона, во која МЗТ Скопје ја брани двојната круна и атакува на што е можно подобар пласман во АБА2, кој би гарантирал борба за враќање во јадранската елита.

Пред нас е предизвик, но и голема одговорност да ја продолжиме низата трофеи. Треба да бидеме свесни дека немаме голем простор за измени, со оглед што влегуваме во вториот дел од сезоната, но максимално сме посветени само дополнително да го засилиме сегашниот играчки ростер. Заеднички сплотени, посветени на работа, дополнително засилени, планираме да тргнеме кон новите предизвици.Верувам дека ако успееме во сето тоа, пред нас доаѓаат денови во кои ќе се радуваме на нови успеси“, завршува Ѓоревски.

Еден од првите проекти на новиот директор на МЗТ Скопје Аеродром е обидот да се дојде до организација на завршниот турнир од АБА2-лигата. Ако се успее во тоа, тогаш тоа би било од огромна помош за кошаркарите и тренерите на патот кон друштвото на најдобрите тимови во регионот како Црвена звезда, Партизан, Цибона, Задар…

ПретходноЈокиќ е хит – дај ваму таблата (ВИДЕО)
СледноТриумф со 4:0: „Пандевци“ си поигруваа со бугарскиот гигант ЦСКА Софија!