Њукасл, наводно, вчера се договорил со централниот дефанзивец Ден Бирн од Брајтон, а клубот во последните часови од зимскиот трансфер период се обидува да донесе барем уште еден искусен играч.
Во последните часови пред затворањето на трансфер пазарот доцна вечерва, тимот од „Сент Џејмс Парк“ е во паралелни преговори со Вест Хем за Иса Диоп и Галатасарај за Маркао.
Според англиските медиуми, Њукасл на „чеканите“ им нуди околу 10 милиони фунти за Диоп, а понудата до турскиот гигант за Бразилецот е околу 15 милиони евра.
Вчера „страчките“ ја објавија својата најскапа зделка во зимскиот преоден рок досега, доведувајќи го Бруно Гимараеш од Лион, за кого ќе бидат платени околу 40 милиони евра. Пред тоа клубот веќе ги доведе репрезентативецот Киеран Трипиер од Атлетико Мадрид и напаѓачот Крис Вуд од Барнли.