Горан Пандев ја напушти Џенова и ја засили Парма. Изненадувачки потег на порашениот македонски репрезентативец и тоа во последниот ден од преодниот рок. Договорот е до крајот на сезоната со можност да биде продолжен на уште една.
Неговиот агент Леонардо Корси за Калчомеркато открива како се одвивал трансферот.
„Идејата за трансфер се роди сосема случајно. Вчера околу 16:30 часот ми се јавија да ме прашаат дали може да го средиме трансферот. Ајде да пробаме – им реков. Успаевме за два часа да го комплетираме трансферот. И сето тоа преку телефон. Никогаш не сум договорил трансфер толку брзо“, изјави Корси кој одговори на прашањето зошто Пандев одлучил да ја напушти Џенова.
„Имаше многу промени, чувствуваше дека клубот сака да почне од нула со млади играчи. Очигледно не му кажаа ништо, имаат голема почит кон него и никогаш не го принудија да замине, но Горан знаеше дека нема да биде протагонист. До вчера не помислуваше за заминување од Џенова, планираше да ја заврши кариерата таму и мислам дека кога ќе се пензионира, ќе продолжи да живее во Џенова. А за тоа дали ќе му биде последна сезона не знам. Тој е полнм со енергија која го тера да продолжи“.
На прашањето дали Пандев имал понуди од други клубови од Серија А тој изјави.
„Мислам дека Пандев не сакаше во друг клуб од Серија А и не сакаше да игра против Џенова“.