Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа имаше успешен старт на третиот турнир во Манакор, Шпанија со тоа што ја совлада шпанската тенисерка Роса Висенс Мас со 2:0 во сетови 6:2 и 6:4.
Лина успеа во 76 минути да ја „спакува“ противничката, а уште во првиот сет покажа дека е далеку поспремна. Шпанката даде нешто поголем отпор во вториот сет, но не и толкав да ја загрози победата на нашата тенисерка.
Во следната рунда таа ќе игра со подобрата од дуелот помеѓу Холанѓанката Керхове Патинама и квалификантката Ешли Лахеј од САД.
На претходните два турнири во Манакор одржани во јануари, Ѓорческа стигнуваше до четвртфиналето. Во првото четвртфинале го предаде мечот со Јапонката Јуки Наито, а го загуби второто четвртфинале од Никола Бартункова.