Ниту Кожув не успеа да го сопре Пелистер оваа сезона и да приреди сензација пред своите навивачи. Битолчани дојдоа до 14 победа во низа, лесно и убедливо ги совладаа гевгеличани на гостински терен со 67-79 и се зацврстија на лидерското место на табелата. Пелистер има 28 бода, еден повеќе од МЗТ Скопје, но и меч помалку.
Кесар беше прв стрелец со 20 поени, Малешевиќ имаше 16 поени, еден помалку имаше Младеновиќ. Во редовите на Кожув, Колев имаше 20 поени, додека 17 поени запиша Штерјов.
Името на победникот беше решено по само едно полувреме, избраниците на Марјан Илиевски беа подобри со 30-47. Печат на оваа средба ставија во третата четвртина во која двоцифрената предност беше над 20 поени.
Во последната четвртина гостите се опуштија, добредојден момент за домаќинот да го ублажи убедливиот пораз, овој период го добија со 26-9.
На другата страна по еден ваков расплет, јасно е дека Кожув ќе се бори за опстанок во Првата лига, местото меѓу шестте најдобри веќе невозможна мисија.