Европската куќа на фудбалот (УЕФА) објави неверојатни податоци и огромен минус во касата на клубовите како резултат на пандемијата со Ковид-19. Извештајот на УЕФА покажа голем пад на трансфер пазарот и загуба од седум милијарди евра во изминатите две години, односно во времето на пандемијата.
Дефицитот за 2020 година изнесувал четири милијарди, а за 2021 година три милијарди евра, со што прекина растот кој се случуваше во последните 20 години.
Главни причини за загубите се падот на приходите од билети, кои се околу 4,4 милијарди евра, намалувањето на комерцијалните и спонзорските активности (околу 1,7 милијарди) и ТВ правата со нешто помалку од милијарда.
Позитивната насока од последните неколку месеци е забележана како светлина на крајот од тунелот, бидејќи, како што забележаа од УЕФА, се повеќе навивачи се враќаат на стадионите.