Пелистер дојде до втората победа во АБА 2-лига, откако вечерва убедливо славеше против Младост Земун. Битолчани одиграа одличен натпревар, од самиот старт го наметнаа своето темпо.
Тренерот на македонскиот тим, Марјан Илиевски беше задоволен од изданието на неговите момци, особено од пристапот. Со оглед на тоа дека Пелистер после три и пол месеци дојде до триумф, причината за ова стратегот ја гледа во тоа што се дебитанти.
„Нови сме во ова натпреварување, ни беше потребно време за да се прилагодиме на оваа јачина. Јас не би кажал што беше најдобро, јас би го издвоил сериозниот пристап, кој ме радува посебно. Имавме изменет ростер на играчи и игравме добро. Го искористивме хендикепот на противникот, кој има проблем со повреди, се надевам дека брзо ќе се вратат на теренот. Кесар беше одличен, но сите кошаркари беа заслужни за триумфот“, изјави по мечот Илиевски.