Партизан е првиот предизвик за Е. Пелистер во новата сезона на СЕХА лигата

109

Ракометарите на Е. Пелистер вечерва (17.30 часот) ќе ја започнат новата сезона во СЕХА – Газпром лигата со гостување во Белград кај екипата на Партизан. Македонскиот вицешампион ќе биде првиот тим против кој Партизан ќе заигра во СЕХА лигата по седумгодишното отсуство од регионалната лига.

„Нашите навивачи секогаш очекуваат добри резултати од нас и затоа веруваме дека ќе испорачаме солиден меч против Е. Пелистер. Искуството од играње меѓународни средби е бесценето за нашите играчи, особено ако успеат да постигнат добри резултати. Мислам дека можеме, со поддршка од нашите навивачи, да најдеме начин да ја добиеме и оваа средба. Тие имаат добар ростер и се познати по добрата одбрана и брзата транзиција. Ќе бидеме подготвени за тоа“, вели тренерот на белграѓани, Ненад Максиќ.

За битолчани Партизан е непознат ривал, но со оглед на фаворитската улога очекуваат триумф.

„Партизан дефинитивно не е една од екипите за кои знаеме многу. Сепак, сигурно ќе гледаме да ја добиеме оваа средба и да ја отвориме сезоната на најдобар можен начин. Чувствувам дека сме на добар пат како тим во моментов, растејќи од натпревар во натпревар. Целта за оваа сезона е да се стигне до Ф4 турнирот во СЕХА – Газпром Лигата и првиот чекор на патот ќе биде победа над Партизан“, вели пред мечот Бојан Маџовски.

ПретходноДаци не знае за доста, нов гол за Вестерло на македонскиот напаѓач! (ВИДЕО)
СледноИрене Вурст ја одбрани титулата и влезе во историјата!