Бледо издание на Пелистер – поразен од еден од двата тима кои имаа полслаб скор (ФОТО)

119

Пелистер не успеа да го задржи истиот ритам како на дуелот против Младост Земун, иако играше против тим кој е послабо рангиран на табелата. На крајот битолчани беа совладани од Рогашка со 92-79 за седми пораз оваа сезона во АБА 2-лига. Ако се бараат причините, едната е дефинитивно големиот број на загубени топки, Пелистер ги имаше вкупно 19.

Кесар и Малешевиќ беа најефикасни, двајцата заедно постигнаа 49 поени, покрај нив двоцифрен учинок имаше и Николиќ, запиша 15 поени.

Избраниците на Марјан Илиевски по една изедначена четвртина (23-22) против Рогашка, паднаа во вториот период. На противникот му дозволија да се разигра, не само што не функционираше одбраната, туку немаше доволно број на расположени во нападот. Кесар и Малешевиќ, беа двајцата играчи кои се обидуваа да направат нешто во првото полувреме, по кое Пелистер имаше негатива од 48-36.

Битолчани на овој меч имаа проблем и со загубените топки (имаа 14 по две и пол одиграни четвртини), дел од нив Рогашка добро знаеше да ги казни, поведе со највисоки 60-45 во 25 минута. Двоцифрена беше негативата и на стартот на последната четвртина 72-62, но истата не беше недостижна.

Рогашка не беше толку силна колку што битолчани сами ги комплицираа работите на теренот. Во моментите кога противникот грешеше, а Пелистер беше и под минус десет, се правеа грешки. Малешевиќ се обидуваше да го подигне својот тим заедно со Кесар, но едноставно не одеше. На другата страна Смит и Вујачиќ го градеа патот кон триумфот.

ФОТО: АБА 2-лига/Драгана Стјепановиќ

ПретходноЊукасл ги стопи „карамелите“ на Лампард, два автогола за две минута (видео)
СледноИлиевски: Ја немавме истата енергија, со 20 изгубени топки не се победува!