Пелистер не успеа да го задржи истиот ритам како на дуелот против Младост Земун, иако играше против тим кој е послабо рангиран на табелата. На крајот битолчани беа совладани од Рогашка со 92-79 за седми пораз оваа сезона во АБА 2-лига. Ако се бараат причините, едната е дефинитивно големиот број на загубени топки, Пелистер ги имаше вкупно 19.
Кесар и Малешевиќ беа најефикасни, двајцата заедно постигнаа 49 поени, покрај нив двоцифрен учинок имаше и Николиќ, запиша 15 поени.
Избраниците на Марјан Илиевски по една изедначена четвртина (23-22) против Рогашка, паднаа во вториот период. На противникот му дозволија да се разигра, не само што не функционираше одбраната, туку немаше доволно број на расположени во нападот. Кесар и Малешевиќ, беа двајцата играчи кои се обидуваа да направат нешто во првото полувреме, по кое Пелистер имаше негатива од 48-36.
Битолчани на овој меч имаа проблем и со загубените топки (имаа 14 по две и пол одиграни четвртини), дел од нив Рогашка добро знаеше да ги казни, поведе со највисоки 60-45 во 25 минута. Двоцифрена беше негативата и на стартот на последната четвртина 72-62, но истата не беше недостижна.
Рогашка не беше толку силна колку што битолчани сами ги комплицираа работите на теренот. Во моментите кога противникот грешеше, а Пелистер беше и под минус десет, се правеа грешки. Малешевиќ се обидуваше да го подигне својот тим заедно со Кесар, но едноставно не одеше. На другата страна Смит и Вујачиќ го градеа патот кон триумфот.
ФОТО: АБА 2-лига/Драгана Стјепановиќ