Еуро Никел им се одмазди на „академците“, „тројкашко“ шоу на Димчевски

163

Дербито во Кавадарци во рамките на “развлеченото“ 15 коло во Првата лига му припадна на Еуро Никел, кој славеше против Академија ФМП со 86-74 за осма победа оваа сезона. Избраниците на Горан Самарџиев му се реваншираа на скопскиот тим за убедливиот пораз на првата средба.

Прво име во редовите на победникот беше Ивица Димчевски, кој постигна 23 поени, од нив беа седум тројки. Зад него беше Николовски со 13 поени, 10 постигна Самарџиски. На другата страна Ајви имаше 30 поени, недоволни за да се освои Кавадарци.

Кошаркарите на Еуро Никел името на победникот го решија во третата четвртина во која одиграа одлично, едноставно доминираа, овој период го отворија со 22-2 за водство од 64-42 во 28. минута. Вториот поен гостите го постигнаа дури на две минути до крајот на третата четвртина преку Лука Стојановски, кој беше прецизен од линијата за слободни фрлања.

На крајот овој период, кавадарчани го добија со 23-7, во последниот период влегоа со позитива од 19 поени (66-47). Гостите се разбудија, одговорија со девет поени во низа и намалија на 66-56, на другата страна кавадарчани четири минути беа без постигнат поен. Димчевски со тројка го прекина постот и го дигна својот тим.

Академија не застана, дојде под десет, но најдобриот кај домачинот Димчевски со нова тројка не дозволи драма. Кавадарчани успеаја да се стабилизираат и да дојдат до важни бодови за место во Супер-лигата.

ПретходноПиоли: Златан е како лав во кафез
СледноДејвис и Џукиќ едногласни: Важна победа за Вардар во „пеколниот“ февруари