Марк Овермарс вчера поднесе оставка од функцијата директор во Ајакс поради непрофесионално однесување. Вчера во дел од холандксите медиуми излегоа нови скандалозни информации за неговото однесување на работното место, поради кои мораше да си замине.
„Овермарс им праќаше пораки на некои колешки прашувајќи ги „што носат“, а понекогаш одеше и подалеку, па им испраќаше слики од неговиот полов орган. Таа жена која го пријави не беше првата, ниту последната што ја доби таа фотографија“, објави изјава на вработена во Ајакс за холандскиот портал „NRC“.
Истиот портал откри уште шокантни детали за Овермарс, кој на директорското место беше од летото 2012 година.
„Разговаравме со 11 вработени и поранешни вработени во Ајакс кои сакаат да останат анонимни. Жените се плашат да излезат во јавноста и да кажат нешто против најуспешниот спортски тим во Холандија. Имавме увид во разговори на апликацијата WhatsApp и видовме пораки и фотографии кои имаат директна конотација со сексуални предлози. Дури и оние жени кои се жалеа беа игнорирани од луѓето од врвот на клубот“, се вели во текстот.