Тимот на Вардар вчера се врати од базичните подготовки во Анталија. Се одиграа неколку добри подготвителни мечеви, со силни противници она што во моментов и тоа како му е потребно на Вардар. Мора „црвено – црниот“ тим да биде двојно посилен што се вели од сите останати во лигата за да може да надополни она што есеноска го загуби како бодови што на домашен што на гостински терен.
“Задоволни сме од одработените подготовки и максимално подготвени и мотивирани влегуваме во продолжението на првенството. Сите сме убедени дека имаме квалитет да ја оствариме нашата основна цел, а тоа е враќање на Вардар во првата лига. Утре се враќаме во Скопје каде што исто така интензивно продолжуваме со темпирање на формата за најбитниот дел од сезоната. Засилувањата кои што дојдоа одлично се вклопија и го кренаа нивото на квалитет на играта, додека помладите играчи со својот однос и квалитет исто така заслужуваат да бидат во првиот тим” – изјави капитенот на Вардар, Дејан Блажевски.
И спортскиот директор Бајевски на тренинг
Двонеделните подоготовки во Анталија знаат да бидат и тоа како монотони и здодевни. Хотел – тренинг – натпревар, се единствените дестинации и дејствија кои се случуваат па во еден момент човек не знае таканаречено што со себе. Па така, кога веќе е во Анталија, и е дел од екипата спортскиот директор на ФК Вардар, Александар Бајевски реши на еден од последните тренинзи и да се приклучи на екипата и да „одработи“ некој километар, некоја „шева“. Бајо е стар техничар знаеше и „на времето“, а и сега со топка, па не веруваме дека младите фудбалери на Вардар си поигрувале со него, туку напротив, сигурни сме дека тој им покажал како треба….
Вардар ја започнува пролетната полусезона во ВМФЛ Запад со дуел против тимот на Охрид на гостински терен.