Во недела Филипо Инзаги ќе има можност повторно да ја предводи Бреша во Серија Б. Тимот ќе се сретне со Алесандрија на домашен терен, а се наоѓа на само два поени од врвот, а пред нив се само Лече и Пиза. И покрај добрите игри на тимот од Ломбардија, раководството на клубот сакало да го смени Пипо Инзаги, но некогашниот фудбалер на Јувентус и Милан останал на клупата поради клаузулата во договорот.
А таму стоело дека клубот нема право да го отпушти тренерот доколку екипата е во топ 8 на табелата. Минатиот викенд Бреша одигра без голови кај Козенца, а според медиумите во Италија тоа ги изнервирало луѓето во клубот кои сакале да го тргнат Инзаги и да го донесат Уругваецот Диего Лопес.
„Не сме го отпуштиле Инзаги, само ја разгледуваме таа можност. Јас се сретнав со Диего Лопес и неговите соработници, но атмосферата во градот не е добра за негово враќање. Диего е пријател на Бреша и на претседателот Челино, но по реакцијата на медиумите, социјалните мрежи и навивачите, тој се откажа од тоа да седне на кормилото на Бреша“, изјави спортскиот директор Франческо Мароку.
Инаку Челино е познат по недостиг на трпение кон работата на тренерите. Тој 22 години беше претседател на Каљари и во неговиот мандат клубот промени 36 тренери. Во 2020 година Диего Лопес два пати добиваше отказ од тренерската позиција во Бреша, а пред тоа уште два пати во Каљари.