Војдан по кам-бекот: Одлично се чувствувам! Ќе и помогнам на Македонија!

344

✍️ Марија Ковачева

Македонскиот првак пред почетокот на вториот дел од сезоната доби големо засилување. Дресот на МЗТ Скопје го облече искусниот репрезентативец, Војдан Стојановски.

По пауза од речиси една година, Војдан се врати на терените. Тој во март минатата година заработи тешка повреда, периодот на рехабилитација беше долг, бараше трпение и упорност, нешто што Стојановски го има во себе.

„Одлично се чувствувам. После речиси една година, односно 11 месеци, бев надвор од кошарката. Иако не одмарав буквално, тренирав секој ден, сепак не играв натпревари, а тоа е најважното нешто за секој спортист“, изјави Војдан Стојановски за СПОРТМЕДИА. 

Во Бања Лука покажа дека не може да го урне ништо. На првата средба, очекувано беше потребно време да се вклопи во новата средина, токму затоа против Сутјеска не успеа да се запише во листата на стрелци. Но, веќе на следните мечеви против Подгорица и Војводина, беше меѓу лидерите во таборот на МЗТ Скопје. Со вкупно 29 поени или 9,7 поени по натпревар за 26 минути просечни минати на терен најави дека допрва има што да каже. Војдан има просек од 2,7 скока, исто толку и асистенции, како и по две украдени топки.

„Полека се обидувам да влезам во ритам и да се вклопам во системот на МЗТ Скопје. Потребно е време, сепак паузата е голема. Многу сум среќен што повторно играм и физички сум оној стартиот“, коментира Стојановски, кој испрати пофални зборови на смета на актуелниот македонски првак.

„Играм за тим кој има одлична организација и заслужува да биде во АБА 1 лига, тоа ќе биде одлично и за македонската кошарка“.

Кам-бекот на капитенот на македонската репрезентација е добра вест за националниот тим пред дуелот со Грузија во рамките на претквалификациите за СП 2023 година. Отсуството на Стојановски дефинитивно се почувствува во националниот тим, долго време е главен лидер на теренот, неговото искуство е непроценливо.

„Ќе се обидам да и помогнам на репрезентацијата колку што можам. Сепак истата е подмладена и така треба да остане во иднина, мора да играат помладите, мора да се мисли на иднината. Јас со моето искуство сум подготвен да помогнам на терен и надвор од него“.

ПретходноПолувреме: Мурати по катастрофата на Денковски го „смрзна“ Штип, Брегалница е очајна!
СледноКој си знае си знае: Пандев стрела за Парма, деби гол на Гранде за новиот тим!