МЗТ Скопје со победа се одјави од Бања Лука, ја совлада Војводина со 83-75(22-23, 30-21, 20-13, 11-18). Овој „балон“ во АБА 2-лига, актуелниот македонски прак го завршува со две победи и еден пораз, по 10. коло скоро е осум победи и два порази, со кои останува во трката за првото место на табелата.
До крајот на овој дел од регуларниот дел од сезоната останува уште еден турнир, шанса за целосно превземање на првото место пред стартот на четвртфиналето.
Рикиќ со 18 поени и шест скока беше лидер, зад него беа Војдан Стојановски и Немања Милошевиќ, постигнаа по 15 поени. Македонскиот репрезентативец имаше 7 скока, додека Немања запиша дабл-дабл од уште 14 скока.
Уште еден лош вовед е зад „сино-белите“. Противникот поведе со 5-15 на средината на првата четвртина, а сите поени за МЗТ Скопје ги даде Војдан Стојановски. По тајм-аутот на Дарко Радуловиќ, „тргна возот“, но се повреди и Бојан Крстевски. Серијата беше 8-0 во креација на Робев, Милошевиќ и Николов, за 13-15. Нешто подоцна Рикиќ со забивање изедначи на 18-18.
По 22-23, македонскиот тим за кратко време го наметна својот ритам, поведе со 35-28 благодарение на шестте поени во низа, па со 38-31. Рикиќ и Кари го донесоа првото двоцифрено водство од 50-39. На одмор резултатот беше 52-44.
Уште едни одлични десет минути (20-13) беа доволни за да МЗТ Скопје не го промени ритамот, во овој период најголемото водство изнесуваше 70-53 и 72-55.
Во последната четвртина, Војводина се обидуваше да направи пресврт, но македонскиот првак не го дозволи тоа иако се опушти и одигра под своите можности.